ПОВЕЌЕ

    Да си немаш работа со администрација…  

    Време зa читање: 5 минути

    „Слободно оставете го документот на моето биро, во аголот“, вели телефонски државниот службеник кој во моментот не е на работното место.

    „Во канцеларијата четири агли и четири бироа. Вработени нема. Каде и кому да го оставам документот?“ – е само едно од доживувањата кои уследиле по тропнувањето на некоја од вратите на јавната администрација.

    Не се случило тоа во неработен ден, за празник или во време на организиран штрајк. Канцеларијата била празна во нормален делник. А, се наоѓа во едно од шестте министерства, чии вработени од вчера ја почнаа 30-минутната дневна доза протести за повисоки плати.

    Зголемени за 30 проценти. За што? Прашалниците сами се редат. Едноставно, (пре)вработени многу, услугата минимална. Или никаква. Товар се на даночните обврзници, претставуваат лавиринт за бизнисите, го комплицираат животот на граѓаните. Кому (освен на политичките партии) се потребни сите тие ангажирани во администрацијата?

    Пречка се, превработените, и за колегите кои совесно ја вршат својата работа. Ги одработуваат задачите што се во описот на работното место, а не се доволно платени. Купот буџетски средства што е наменет за нив, го споделуваат со лицата од платните списоци, кои можеби вадат плата и на друго место или во друга држава.

    „Висината на платите на вработените во институциите кои денес протестираат почнува од 25.010 денари. Просечната плата во овие институции е околу 29.000 денари, а просечната плата исплатена на ниво на држава изнесува 42.124 денари“, ја скенира состојбата претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

    Уште вели – „додатокот што го бараме од 30 проценти значи дека вработените би добиле 6.000 денари зголемување на плата, но и покрај тоа сите вработени повторно ќе бидат под просечната плата на државата“.

    Секој што работи треба и да заработува. Реалниот труд мора соодветно да се награди. Сепак, под просечната плата се и примањата на текстилните работнички, на кожарите… кои освен на временски ограничената пауза, исто како и сите што се на производните ленти, не се помрднуваат од работното место. За тие пари работат и за себе и за админстрацијата. Работат напорно и оние што го креваат просекот на платите – програмерите, банкарите…

    Тоа што ќе се одработи треба да е видливо. За да може да се вреднува. Освен со плата, и со задоволството на услужените. „Да си немаш работа со администрација“ е единствената оцена на луѓето, кои по сила на нештата, секојдневно се упатуваат кон административните шалтери и канцеларии. И губат време, нерви, па и пари додека стигнат до потребниот потпис, печат, уверение, одбрение или што и да е. Во јавниот сектор има околу 130 илјади вработени. Огромен број од нив влезени по партиска заслуга. Веројатно, оттаму и сфаќањето дека мора да се одговорни само во поглед на партиските задачи. Истражувањето што минатата година го презентираше ЗМАИ покажало – „на секоја нова влада потребни и се неколку месеци до една година, за да го користи јавниот сектор како можност за вработување“. И за ангажирање со договор.

    Каква е перцепцијата одблизу, таква е и оддалеку. Администрацијата претставува проблем и на патот до ЕУ. Немало извештај на Европската комисија во кој не се укажува на тој сегмент. Така е и со последниот:

    „Голем број носители на раководни места беа сменети пред истекот на нивниот мандат и заменети со вршители на должност по парламентарните избори во мај 2024 година. Бројот на привремени вработувања и вработувања со договор за услуги и понатаму е висок, без воспоставен систем за следење на нивниот ефективен број и времетраење на ниво на сите институции“.

    Исто така, во извештајот беше посочено и она за нас добро познатото – платени се за да не одат на работа:

    „Според извештаите на државниот ревизор, одреден број вработени во јавните служби добиваат плата и покрај тоа што немаат формална задача и не мораат да се појават на работа“.

    Во државава немало премиер и политичар кој декларативно не се залага(л) за сериозни промени во административните збиени редови. Со акцент на тоа дека ќе нема отпуштање на прекубројните, само нивно пренасочување таму каде што ќе бидат од корист. Сите тие изјави почнуваат со признанието – партизирана, неефикасна јавна администрација, а завршуваат со – неопходни се реформи и системски решенија, што ќе значи и засилена борба против корупцијата и подобри услуги за граѓаните…

    Сигурно, сите што и мислат добро на Македонија ќе и дадат поддршка на кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација”, која министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во интервју за „Алсат“ ја најави како почеток на значајни реформи во оваа област. Кои ќе „донесат позитивни промени“ и ќе ги „постават основите за долгорочен успех и ефикасност во работењето на институциите“. Наведе дека новите законски решенија ќе овозможат построги критериуми за нововработените, а ќе има и „рационализација на јавните ресурси“.

    Засега, во насока на позитивните промени елиминиран е само балансерот. Решенија има, применети се од страна на повеќе држави, се укажувањата кои со години наназад се слушаат од експертската јавност. Притоа, децидни се дека мора да се намали бројот на административците. А, процесот да стартува со пензионирањата – испразнетите места да не се пополнуваат со распишување конкурски за нови вработувања, туку со прераспределба на тие за кои нема ни столче во институциите каде што се водат како вработени. Следните чекори се департизација и деполитизација.

    Кога тоа ќе се случи, владејачките партии ќе немаат адут во ракавот да тврдат дека јавното изразување незадоволство од ниските плати е – политички мотивирано.

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично