Почитуван Министре Бесими, почитувана Гувернерке Ангеловска-Бежовска, почитуван в.д. директор на ФОД, Шабани, почитувани колеги,
Би сакала во свое име и во името на МБА да го честитам Светскиот ден на штедењето и да посакам уште многу години успешна работа.
Со оглед на тоа што денеска е Меѓународен ден на штедењето и едноставно е неизбежно да се коментира стабилноста на банкарскиот систем, уште еднаш ќе го повторам тоа што во многу наврати го истакнавме во изминатиот перид: Банкарскиот систем е стабилен и показателите за системот како целина се позитивни. Вкупните депозити на домаќинствата бележат пораст и тоа како во однос на истиот период минатата година, така и во однос на крајот на годината. Може да се забележи дека учеството на денарските депозити останува доминантно споредено со девизните, со што се потврдува довербата на населението во денарот.
Золемувањето на депозитите зборува и за довербата која банките ја имаат кај населението. Токму од овде произлегува и обврската на банките да се грижат за сигурноста на штедните влогови, за сигурноста на депозитите на своите комитенти. Најголем дел од изворите на финансирање во банките во нашата земја се депозитите. Затоа е особено важна нивната сигурност. Шемата за осигурување на депозитите не дава за право која било банка да биде непрудентна, ниту да одобрува кредити бидејки така се очекува од неа. Правилната процена на ризиците, избалансирана со кредитирањето треба да биде во функција на сите засегнати страни и тоа како на депонентите, така и на кредитокорисниците и на акционерите.
Сигурноста на депозитите не зависи само од банкарите. За жал, вo последно време сме сведоци на бројни нестручни коментари, ширење невистини или полувистини, шпекулации, па дури и неточни толкувања на законите. Тоа се презентира како информирање на јавноста и на граѓаните. Се презентираат совети кои не се базираат на факти, туку на т.н. „чаршиски муабети“.
Јавноста има право да знае, да биде информирана и да коментира, но тоа да биде аргументирано, стручно и добронамерно. Секое тенденциозно и злонамерно креирање паника е штетно за системот, за компаниите и за населението.
Банките се столбот на финансискиот систем во услови на банкоцентрични системи и од нивната стабилност, ефикасност и профитабилност во голема мерка зависат останатите економски текови.
Неколку зборови и за состојбите во банкарскиот сектор во изминатиот период на пандемијата. Банките беа и остануваат подготвени и заинтересирани да придонесат за полесна, побезбедна и поефикасна реализација на банкарските услуги од страна на корисниците на банкарски услуги. Во јавност често се отвара прашањето за тоа дали банките во Македонија доволно ги следат и применуваат современите трендови и дигитализацијата. Пандемијата и состојбата во која се најдовме даде одговор на многу дилеми околу прашањето колку банките во нашата земја можат да одговорат на предизвикот на дигитализацијата. Во моментот, 47% од платниот промет се одвива преку дигитални канали. За жал, се уште може да се видат гужви пред банките, но замислете колкави ќе беа тие гужви и како ќе изгледаше пред и во експозитурите на банките доколку банките не беа подготвени со електронско и мобилно банкарство, доколку немаше дигитално потпишување, доколку не постоеја картички и бесконтактни ПОС-ови.
Воедно, да се потсетиме дека банките извршија бројни намалувања или ослободувања од надоместоци за подобрување на дигитализацијата, откажувајки се од дел од приходите во функција на стимулирање на безготовинскиот платен промет.
Но, настрана од банкарскиот бизнис, банките се општествено одговорни субјекти и во досегашниот тек на пандемијата го потврдија ова во повеќе сегменти. Во текот на пандемијата банките ја покажаа и својата хумана димензија. Речиси сите членки на Македонската Банкарска Асоцијација дадоа финансиски придонес во справување со кризата. Дел од членките директно уплатија средства на Министерството за здравство за посебната намена за КОВИД 19, дел од членките авансно го уплатија данокот на добивка, донираа во медицинска опрема, беа направени бројни активности за помош на социјално загрозени категории, донации во компјутерска опрема за училишта, донации во храна итн.
Во делот на грижата за пензионерите, банките дадоа извонреден придонес со предвремената исплата на пензиите. Ова се направи со цел да се овозможи растегнување на деновите на исплата за да се намали концентрацијата, односно бројот на пензионери на шалтерите на банките, да се сочува нивното здравје, а сепак никој да не ги добие своите пензии со задоцнување. Ако пред пандемијата една или две банки исплатуваа пензија пред средствата да бидат уплатени на сметките во банка од страна на Фондот на ПИОМ, сега сите банки од своите средства ја започнуваат исплатата неколку дена пред да ги добијат средствата. Во таа смисла, банките бескаматно го финансираа овој потфат секој месец од почетокот на кризата, месечно во вкупен износ од околу пет милијарди денари.
Се надевам дека од оваа здравствена криза ќе успееме да излеземе со колку што е можно помали жртви, пред се човечки, а потоа и материјални. Дека забавувањето на економските активности и проектираните стапки на пад на БДП нема да остават долгорочни последици врз компаниите и населението и дека се ова ќе биде зад нас кога повторно ќе се собереме наредната година да го одбележиме овој ден.
Уште еднаш ви го честитам Светскиот ден на штедењето, ви посакувам, пред се, добро здравје и многу успех во совладување на сите предизвици.