На периферијата од Скопје, Општина Чучер Сандево можеби не е првото место што ќе го поврземе со економски раст, но податоците што ги анализира порталот Пари од Бизнис мрежа од 2024 година покажуваат поинаква слика. Сместена меѓу ридови и села, во оваа општина најголем дел од бизнисите се концентрирани во село Бразда, каде што се регистрирани 8 од 10-те најуспешни компании по приход.
Во Општината се случува вистински економски бум ‒ 10-те најуспешни фирми во Чучер Сандево со здружени сили бележат речиси двојно зголемени приходи и солиден раст на добивките, при што неколку компании направиле скок од стотици проценти.
Во 2024 година, топ 10 компаниите од Чучер Сандево оствариле вкупен приход од 40 милиони евра, што е раст од 95,12 насто во однос на 2023 година (20,5 милиони). Добивките на 10-те најпрофитни компании достигнале 4,5 милиони евра, во споредба со 3,9 милиони во 2023 година, што е зголемување од 15,38 насто. Кај 10-те најголеми работодавачи, состојбата е речиси непроменета: бројот на вработени е 639 во 2024 наспроти 641 во 2023 година, што е симболичен пад од 0,31 насто.
ПРИХОДИ ОД 1,8 ДО 9,5 МИЛИОНИ ЕВРА
Лидер по приход во 2024 година е Текноксгруп Македонија, ексклузивен претставник на Caterpillar за Македонија. Со 9,5 милиони евра приход во 2024 година, оваа компанија бележи раст од 126,78 насто во однос на 2023 година, што ја позиционира како еден од двигателите на локалната економија.
Веднаш зад неа е Сити Клуб, фирма што оперира во секторот игри на среќа и забава, со приход од 6,7 милиони евра и раст од 33,81 насто. Иако оваа дејност често не се поврзува со локален развој, нивната способност да генерираат конзистентен и растечки приход покажува дека забавната индустрија има сериозен пазар во овој предел.
На третата позиција се наоѓа А-Инвест, транспортна фирма во товарниот патен сообраќај, со приход од 4,9 милиони евра. Тоа е стабилен и потврден раст од 13,06 насто. Во општина каде што географската позиција е предност, логистичките компании како А-Инвест се важен фактор за развој.
Други компании што вреди да се споменат се: Филип Инженеринг, активна во градежниот сектор, која постигнува раст од над 56 насто и приход од 3 милиони евра. СИМ-Мил Солушн го дуплира својот приход ‒ од 1,1 на 2,2 милиони евра, што ја вметнува во најбрзорастечките компании. Жито Центар, традиционален производител на леб и печива, бележи стабилен раст од 3,12 насто, покажувајќи дека и основните индустрии се цврсто вкоренети во општината.
Извор: Бизнис Мрежа
САМО ЕДНА КОМПАНИЈА ИМА МИЛИОНСКА ДОБИВКА
Ако приходот го покажува обемот на работа, добивката кажува кој знае да управува со пари. Во 2024 година, најпрофитабилна компанија во Чучер Сандево е Сити Клуб, со 1,08 милиони евра добивка, што е пораст од неверојатни 535 насто. Оваа фирма не само што остварува висок обем, туку има и одлична маржа.
Веднаш зад неа е Супер Брокер АД, осигурителен посредник, со добивка од 858,7 илјади евра, иако со пад од 35,57 насто во однос на лани. И покрај тоа, таа останува меѓу најдобрите според профит. Компанијата функционира на ниво на големи мрежи и има доверба на пазарот, што ѝ овозможува да остане стабилна.
Супер Ауто Контрол, компанија за технички прегледи и лабораториски испитувања, остварува 806,4 илјади евра добивка, со раст од 25,72 насто. Ова ја става на трето место, потврдувајќи дека и помалите специјализирани фирми имаат простор за раст.
Интересен пресврт се случува кај Синтек Инженеринг, која од само 21,6 илјади евра добивка во 2023 година, годинава остварува добивка од 227,4 илјади евра, што е раст од речиси 950 насто.
Од друга страна, пак, Владмар Груп и Делта Гроуп Македонија бележат пад на добивките од 66,55 насто и 27,38 насто.
Извор: Бизнис Мрежа
БРОЈОТ НА ВРАБОТЕНИ Е СТАБИЛЕН, БЕЗ ПОГОЛЕМИ ОСЦИЛАЦИИ
Вработеноста во Чучер Сандево останува стабилна, но без раст. Во 2024 година, десетте најголеми компании вработуваат вкупно 639 лица, што е само две помалку отколку во 2023 година (641), односно има намалување од 0,31 насто.
Лидер по вработени е Л3РН, со 216 лица, што претставува раст од 28,57 насто ‒ највисок во целата листа.
Сити Клуб има 118 вработени, речиси исто како и лани, што ја прави стабилен работодавач во сектор со висока добивка.
Филип Инженеринг, Жито Центар, А-Инвест, Супер Брокер АД и Интер Ал Пин сочинуваат средна група на компании со вработеност од 30 до 50 лица, со минимални флуктуации.
Сепак, кај Интер Ал Пин се забележува најголем пад ‒ од 78 на 43 вработени, што е намалување од 44,87 насто.
Извор: Бизнис Мрежа
Во сенка на поголемите скопски општини, Чучер Сандево успева да постигне нешто што малкумина го очекуваат: речиси удвојување на приходите и двоцифрен раст на добивката. Со компании што растат по 100, 500, па дури и 900 насто за само една година, оваа општина покажува динамика на економска зрелост.
Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска