ПОВЕЌЕ

    ЦРВЕН АЛАРМ ВО БИЗНИСОТ: За три месеци уште 1.819 блокирани сметки

    Време зa читање: 4 минути

    Се влошува ликвидноста во дел од стопанските дејности во земјава. Во третиот годишен квартал континуирано расте бројот на блокираните сметки. Од 3.926 во септември се зголемува на 4.301 во октомври, за на крајот од ноември да достигне до 5.745 блокирани сметки. Очигледно е дека сѐ повеќе фирми се под силен финансиски притисок, товар со кој дел од нив не можат да се справат.

    Под блокада во десеттиот месец од годинава се нашле 375 сметки повеќе отколку во септември. Состојбата се влошила во ноември, кога црвениот аларм се вклучил кај дополнителни 1.444 сметки. Според ориентацијата на фирмите чиишто банкарски сметки се под блокада, најзасегнати се тие што работат трговија на мало; подготовка и послужување храна и пијалаци; копнен транспорт и цевоводен транспорт; специјализирани градежни дејности и трговија на големо.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Притоа, најпогодена во сите три месеци е трговијата на мало. Ова произлезе од анализата на Пари во која се користени податоци од базата на Бизнис Мрежа.

    Овде се регистрирани и најмногу блокирани сметки и најголем број засегнати правни субјекти. Во септември биле блокирани 574 сметки кај 514 различни фирми. Наредниот месец состојбата се променила ‒ 628 блокади кај 555 субјекти. Сепак, ноември покажал дека може да биде и полошо, затоа што поцрвенеле уште 923 сметки отворени од 835 фирми. Оттука е и прашањето: дали ваквите движења во малопродажбата се сигнал и за намалена куповна моќ на граѓаните?

    Дејностите за подготовка и послужување храна и пијалаци се втори на оваа листа. Во септември под блокада се наоѓале 416 сметки на 365 субјекти. Во октомври има 507 блокади кај 423 субјекти. Веќе во ноември нивото се крева на 649 блокирани сметки од 565 фирми. Не може да се генерализира, но и угостителскиот сектор има проблеми со сервисирањето на обврските.

    Во рамките на копнениот и цевоводниот транспорт, септември завршил со 386 блокирани сметки во сопственост на 276 правни субјекти. Наредниот месец имало 383 блокади кај 307 субјекти, а во ноември ‒ 469 црвени сметки кај 404 правни субјекти. Степенот на варијација овде е поблаг, што се однесува до сметките, а според опфатот на фирмите ‒ проблемот како да зема замав во секторот.

    Извор: БизнисМрежа

    Слична е состојбата и кај специјализираните градежни дејности, кои според податоците, не се имуни на реалните предизвици. Блокирани во септември се 354 сметки на 286 фирми. Тој сооднос е изедначен во октомври ‒ 369 блокади и 369 фирми. Ноември е заокружен со 380 блокирани сметки кај 345 правни субјекти.

    Негативните трендови се забележливи и во трговијата на големо, каде што исто така претпоследниот месец од годинава се покажал како критичен. Редоследот вели: септември минал со 270 блокирани сметки кај 236 правни субјекти; октомври со 313 блокади кај 266 субјекти; а во ноември има нагло зголемување на 552 блокирани сметки во сопственост на 478 фирми.

    Извор: БизнисМрежа

    Не се сите фирми способни да излезат на крај со финансиските проблеми, кои во значителен дел се последица на деловниот амбиент во кој функционираат, а тој сè уште не обезбедува доволно предвидливи и стабилни услови за водење бизнис.

    М.А.

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично