Речиси и да не постои дебатна емисија од областа на економијата која во одредена мера не го опфатила прашањето со јавниот долг и буџетските дефицити. Особено ваквиот тренд е присутен во последниот период кога со цел полесно справување со здравствената криза и нарушените економски позиции скоро сите држави посегнуваат по инструментот експанзивна фискална политика. Експанзивната фискална политика, или креирањето буџетскиот дефицит, значи дека државата троши повеќе средства отколку што собрала. И тоа е стратешка позиција на владите, кои се надеваат дека долгорочно таквите трошења ќе доведат до зголемено ниво на инвестиции, поголем бруто домашен производ, намалување на стапките на невработеност и сл., но од друга страна постојат и негативни аспекти на таквата политика, а еден од нив е истиснувањето на инвестициите (Crowding Out Effect), посебно оние на приватниот сектор.
Ако земеме еден хипотетички пример на затворена економија во која за да се зголемат јавните трошења мора да се намали потрошувачката на останатите сектори во економијата, во такви услови вкупната побарувачка:
AD= C(приватна потрошувачка)+I(инвестиции)+G(јавна потрошувачка)
Бидејќи приватната потрошувачка е стабилна големина, за да се зголемат државните трошења неминовно е да се намалат инвестициите.
Согласно податоците на министерството за финансии податоците за нивото на јавен долг се следни:
Извор: Министерство за финансии
За време на кризата и јавниот и државниот долг се зголемиле и како процент од БДП, но и во апсолутни бројки.
Од друга страна серијата на податоци за нивото на јавен долг низ годините укажува на тоа дека со почетокот на кризата ја надминавме границата од 50% јавен и државен долг, како процент од БДП.Извор: Министерство за финансии
Ваквите податоци јасно укажуваат дека зголемените државни трошења негативно ќе се одразат и врз нивото на инвестиции. Иако, причините не се исклучиво од споменатата природа и не е директен елемент за нивото на инвестиции на приватниот сектор, сепак во недостиг на обработени податоци за нивото на инвестиции од приватниот сектор, индикативен елемент за потврдување на оваа теза е нивото на директни инвестиции.
Во 2020 нивото на директни инвестиции, скоро и да го нема, а трендот на пораст во првиот квартал од 2021 година, во најголема мера е како резултат на зголемената реинвестирана добивка.
Проблемот со создавањето на голем јавен долг е неговата отплата. Без разлика како се финансирал јавниот долг(странски позајмици или издавање државни обврзници), во одреден момент тој ќе мора да почне да се отплаќа, а сето тоа оди на товар на буџетот, што доведува до зголемено ниво на камати, а со тоа и истиснување на инвестициите.
Редакција Пари