ПОВЕЌЕ

    Црна листа за бел (бизнис) образ

    Време зa читање: 5 минути

    Веста оди вака: „Стопанската комора на Северна Македонија и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) потпишаа Меморандум за соработка, кој има за цел да ја зајакне борбата против корупцијата и да го унапреди интегритетот во општеството. Оваа иницијатива е дел од проектот ‘Граѓаните против корупцијата’, поддржан од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД)“. За истрајноста во напорите за совладување на оваа масовна појава, гарантираат потписите на првенците – Бранко Азески на СКСМ и Татјана Димитровска на ДКСК. A, една шкотска поговорка ќе каже – „Нема поголема измама од неисполнетото ветување“.

    Сигурно е, ќе се исполни (делумно) договореното и ветеното – ќе се организираат работни групи, јавни дебати, работилници… Ќе се бара промена на регулативата, ќе се зборува за судирот на интереси, за превенирање на корупцијата, за национални стратегии… За штетите што ги трпи државата, за бизнисите кои не можат да пркнат без да потплатат и подмачкаат… Нормално, со поддршката од американскиот народ. Кој, меѓу другото, великодушно ги помогна и обуките на македонските судии.

    Активности ќе има. Како и досега. Ете, и на средбата со ДКСК биле предочени наодите од ланската анкета на Комората за тоа со какви сѐ коруптивни барања се соочил бизнисот во обидот да добие услуга од јавната администрација. Но, се чини, од амбицијата да се направат големи дела, да се разработат сериозна борбена стратегија и антикорупциска тактика, се заборава на навидум мали нешта. Визонерскиот поглед е вперен во далечината и видокругот не го опфаќа сопствениот двор.

    Азески има петмина заменици. Еден од нив е на американската „црна листа“.

    „Соединетите држави го означуваат Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер на Северна Македонија, како генерално неподобен за влез во Соединетите држави поради неговата вмешаност во значителна корупција. Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси и ја поткопа довербата на јавноста во Северна Македонија во владините институции и јавни процеси“. Одлуката на американскиот Стејт департмент беше објавена пред една година и 21 ден.

    https://www.state.gov/designation-of-north-macedonia-public-official-kocho-angjushev-for-significant-corruption/

    Очигледно, она „вмешаност во значителна корупција“ не претставува баласт за претседателот на Комората. Предводникот на најголемата деловна заедница во државата, во свое и во нејзино име (што значи и во името на Кочо Анѓушев), со чиста совест и со мирна рака потпишал, односно се обврзал на борба против корупцијата. Додуша, никаде не пишува „неселективна“.

    Вистина, Анѓушев ги негираше сомневањата и најави дека ќе посегне по сите правни лекови за одлуката да биде повлечена. Се повика и на тоа дека четири години по неговото самоиницијативно повлекување од Владата „нема никаков судски процес за било кој сегмент од моето работење, од причини што за тоа нема никакви основи“. Патем, во домашното судство јавноста нема ни два проценти доверба. Како и да е, заменик претседателот на СКСМ и натаму е еден од македонските репрезенти на американската „црна листа“. Образот уште не е бел. Барем од американска, ако не од коморската перспектива.

    За потсетување, Анѓушев беше вицепремиер во кабинетот на Зоран Заев од 2017 до 2020 година. Сопственик е и извршен директор на групацијата „Феро инвест“ и на фабриката „Брако“. Во тој период одредени медиуми истражуваа и пишуваа за неговото паралелно дејствување како бизнисмен и како висок владин функционер. Се споменуваше бизнисот со мали хидроцентрали и поврзаноста со фирма од Белизе; за малку ќе добиеше и пари од државата, но за среќа големи беа реакциите во јавноста, па фирмата во која се јавуваше како малцински сопственик се повлече и не доби финансиска поддршка од ФИТР.

    За случајот Анѓушев, амбасадорката Ангела Агелер своевремено изјави дека е тоа „уште еден доказ дека САД ќе продолжат да санкционираат корумпирани актери во земјата и регионот, без оглед на нивната позиција, политичка поврзаност или времето кога се направени злоупотреби“.

    Корупцијата се смета за најголем непријател на доброто управување и на развојот. Македонија е жив пример за тоа. Ова согледување е одамна апсолвирано и од бизнис заедницата и од нејзиниот долгогодишен претседател. Исто како и фактот дека практичната реализација на познатото – целта ги оправдува средствата – е основниот знак за битисувањето на корупцијата. Секако, никој не очекува Бранко Азески да влезе во улогата на Корадо Катани и да го лови „октоподот“. А, мора да се признае, не така одамна речиси сите бевме во филм и мислевме дека ќе ни се падне Лаура Ковеси, а ни се случи Катица Јанева. Колешка по „црна листа“ на Кочо Анѓушев, а заедно се во друштвото на Џеват Адеми, Мендух Тачи, Љубе Бошкоски, Сашо Мијалков, Никола Груевски, Сергеј Самсоненко со сопругата, Рамиз Мерко, Стевчо Јакимовски. Повеќе не им недостасуваат Артан Груби и Енвер Беџети.

    Не е упатно да се цитира Путин, но едно му држи: „Тие што се борат против корупцијата и самите би требало да се чисти“.

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично