Во текот на периодот март-јуни 2020 година, македонската економија се одвиваше во услови на прогласена вонредна состојба.
Причината е појавата на епидемијата КОВИД-19, која енормно брзо се рашири низ целиот свет, по што Светската здравствена организација прогласи пандемија.
Во многу национални економии настана комплетен прекин на одделни економски активности. Границите беа затворени, беа прекинати синџирите на набавки и доставување, привремено беа затворени производствените капацитети со цел справување со епидемијата КОВИД-19. Многу европски земји сè уште се соочуваат со забавување на економската активност.
Македонската економија извесен период се одвиваше во услови на воспоставен високорестриктивен полициски час за одделни старосни групи на население, затворени производствени, услужни и трговски капацитети, што доведе до пад на севкупната економска активност во државата. Следствено, Банката забележа пад во бројот на банкарски операции, зголемени трошоци со цел заштита на вработените и клиентите на Банката, поради што со крајот на годината се јавуваат значителни отстапки од првичниот план за 2020 година.
Во текот на 2020 година, Банката оствари нето-добивка во висина од 17 милиони денари. Овој финансиски резултат е за 7 милиони денари подобар од резултатот остварен минатата година, но е за 45% понизок од планираниот за периодот.
На 31 декември 2020 година, вкупната актива/пасива на Банката бележи незначителна промена во однос на крајот од минатата година и остварување на поставениот план од 93,7%.
Вложувањата во безризични пласмани бележат пораст, со што позицијата вложувања во хартии од вредност е повисока во однос на крајот на минатата година за 26,9% и за 11,2% повисока од планот. Соодветно на тоа, Паричните средства и парични еквиваленти бележат пад од 36,2% и отстапување од планот за 26,7%.
Во текот на 2020 година, Банката бележи пораст на кредитната активност кај секторот население и опаѓање на истата кај нефинансиските друштва. Позицијата кредити на и побарувања од други комитенти бележи пораст од 5,9% во однос на крајот од 2019 година. Оваа позиција порасна за 397 милиони денари. Во однос на поставениот план, позицијата кредити на и побарувања од други комитенти бележи реализација од 94%.
Позицијата останати побарувања, бележи голем пораст и во однос на претходната година и во однос на поставениот план, што во основа се должи на евидентираната авансна исплата на пензиите на крајот од месецот.
Позициите нематеријални средства и недвижности и опрема бележат пад во однос на крајот на минатата година, што се должи на континуираната амортизација на овие средства.
Позицијата депозити на други коминтенти остана стабилна и со крајот на 2020 година, при што планот е реализиран со 92,8%.
Преземените активности во доменот на управувањето со изворите на средства, доведоа до намалување на расходите за камати за 2,6% во 2020 година во однос на минатата година. Остварените расходи за камати во 2020 година, во однос на планираните, се пониски за 8,5%.
Наспроти нагорниот континуитет на каматните приходи во сегментот население, во услови на висока конкуренција, Банката оствари пониски приходи од камати за 0,4% во споредба со минатата година. Остварените приходи од камати во 2020 година, во однос на планираните, се пониски за 8,6%. Во услови на континуиран тренд на намалување на активните каматни стапки, при намалени каматни стапки на благајничките записи, како една од мерките поврзани со здравствената криза, Банката успеа да оствари нето-каматен приход близу до минатогодишниот, односно истиот е повисок за 0,6%.
Во текот на 2020 година, извесен период позицијата приходи од провизии бележеше намалување, но со крајот на годината, како резултат на привлечени нови клиенти во Банката, забележан е пораст на приходите од провизии за 13,5% во однос на истиот период претходната година или подобрување од 15,8 милиони денари. Тој пораст придонесе кон пораст на позицијата нето-приходи од провизии и надомести за 16,1% или 12,1 милиони денари, во однос на истиот период претходната година, додека планот е надминат за 7,6%.
Во однос на позицијата трошоци за вработените, забележан е пораст од 2,3%. Планот е реализиран со 99,5%.
Позицијата останати расходи од дејноста бележи зголемување во однос на минатата година од 4,4% и за 2,1% во однос на планот.
Останатите приходи од дејноста се пониски и во однос на претходната 2019 година и во однос на планираните за периодот.
Во текот на 2020 година, реализирани се повисоки нето–приходи од курсни разлики за 13,9% во однос на минатата година.
Расходите за амортизација бележат пад од 2,4% во однос на истиот период минатата година и 4,5% во однос со планираните, како резултат на одложени набавки на основни средства.
Со крајот на 2020 година, како резултат на задржаната стабилност и квалитет на кредитното портфолио, издвоена е исправка на вредноста на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансната изложеност, на нето-основа во износ од 20 милиони денари, односно забележано е подобрување на оваа позиција во износ од 7,7 милиони денари во однос на минатата година. Оваа позиција е за 27,9% пониска од истиот период минатата година и 28,7 % пониска од планираната.
Во однос на 2020 година, Банката не исплати дивиденда.
Вложувања или продажба на материјални средства (недвижности, постројки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30% од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Недвижностите и опремата заклучно со 31.12.2020 година бележат незначително намалување од 2,8% во однос на минатата година, што во основа се должи на пресметаната амортизација на направените вложувања.
Заклучно со 31.12.2020 година, извршена е редовна замена на застарената ИТ-опрема, но направени се и вонредни вложувања во ИТ-опрема како последица на пандемијата.
Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемувања поголеми од 30%)
Обврските по кредити забележаа пад од 100% како резултат на целосно сервисирање на обврските по основ на долгорочни кредити. Во овој период, Банката нема нови кредитни линии.