ПОВЕЌЕ

    Четири нови е-услуги од ФЗОМ достапни за граѓаните и компаниите преку uslugi.gov.mk

    Време зa читање: 3 минути

    Граѓаните можат електронски да добијат потврда за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување, потврда за осигурено или неосигурено лице и платен придонес, како и потврда за исплатен надомест за плата за време на привремена спреченост од работа. Тоа се трите нови услуги од Фондот за здравствено осигурување на Македонија, достапни на порталот uslugi.gov.mk. Четвртиот новитет е наменет за правните лица. За компаниите е овозможена електронската услуга за издавање потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување. Целоснo дигитално и достапно во секое време. За обезнедените можности денес говореа министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, и директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски.

    „Овие услуги се само почеток на системска дигитална трансформација и во овој сектор, а не на изолирани технички решенија. Особено сакам да истакнам дека корисниците на порталот на Фондот за здравствено осигурување автоматски се воведуваат и во системот за единствена најава на национално ниво, а со тоа граѓаните добиваат можност со еден кориснички профил непречено да се движат и да користат услуги на различни институционални портали без повторно најавување и без дополнителни административни бариери“, посочи Андоновски.

    Фондот од денес е и технички поврзан со Централниот регистaр на населението, што овозможува автоматско преземање релевантни податоци за граѓаните. Тоа, како што појасни Андоновски, го прави непотребно рачното внесување податоци и го намалува ризикот од користење застарени и неточни информации, а се подобрува и ефикасноста.

    На новинарско прашање за ефектите од процесот на дигализација, тој упати на статистичките податоци:

    „Во 2024 година ние имавме 120 илјади корисници на порталот, со помалку од половина услуга по корисник. Во моментот имаме над 240 илјади корисници на порталот и над 300 илјади корисници на Системот за единствена најава, а бројот на услуги е зголемен за 100, 120 проценти. Тоа покажува дека граѓаните сакаат да ги користат електронските услуги ако тие им ја завршат работата. Никој од нас не сака да чека редови и тоа да го прави хартиено доколку може да си извади електронски документ“.

    Целта на прес-конференција не е само промоција на услугите, туку и за зголемување на свесноста на граѓаните што повеќе да ги користат услугите во дигитална, наместо во хартиена форма, рече директорот на ФЗОМ, Клековски. Воедно, смета дека во мала земја како Македонија услугите треба да бидат координирани од едно место, со што ќе се добие унифициран и стандарден пристап за сите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично