ПОВЕЌЕ

    Четири маркети казнети за пазарно нарушување – Глобите не досегаат ни 1% од нивните приходи

    Време зa читање: 4 минути

    Превентивни и ниски казни, кои се далеку под еден процент од нивниот годишен промет добија четири големи маркети, кои заедно со Сојузот на стопанските комори на Македонија на почетокот од годинава беа повикани на одговорност за картелско здружување, односно затоа што координирано делувале и ги нарушиле пазарните правила. Глобата одредена за трговските друштва е по 50 илјади евра, а СКСМ ќе плати околу 18,6 илјади евра. Се работи за познати маркети кои, според прометот што го прават, се во првиот избор на потрошувачите.

    И, како што велат од Комисијата за заштита на конкуренцијата, се санкционираат како превенција „на идни нарушувања и заштита на потрошувачите и пазарната конкуренција“.

    „Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) донесе решение со кое утврди дека четири трговски друштва кои оперираат на пазарот на трговија на мало со прехранбени производи, како и Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) како координатор, учествувале во забранет договор и/или усогласено однесување во смисла на член 59 од Законот за заштита на конкуренцијата“, информираат од КЗК.

    Потоа, образложуваат:

    „Во постапката е утврдено дека на состанок одржан на 5 февруари 2025 година учесниците постигнале усогласен став за неприфаќање нови или зголемени ценовници од добавувачите, со што ја замениле состојбата на независно пазарно однесување со состојба на практична координација. Овој вид на однесување по својата природа претставува т.н. „by object“ ограничување на конкуренцијата, кое е забрането без потреба од дополнително докажување на пазарни ефекти“.

    Глобите се изречени превентивно, и се во износ од 3.075.000 денари за секое од трговските друштва, а прекршочната санкција за ССКМ е 1.143.000 денари.

    За потсетување, кога се откри ова здружување беше наведено дека на 5 февруари во ССКМ прозваните одржале состанок на кој договориле идентичен настап пред добавувачите, со цел нарушување на конкуренцијата, што се коси со став 1 и точка 1 од членот 59, а е во врска со став 1 и точка еден од членот 7 од споменатиот Закон. Во суштина, се договориле да не ги прифаќаат новите ценовници со зголемени цени, што е спротивно на пазарната логика. Воедно, го стеснува и можностите за избор на потрошувачите. Освен тоа, беше утврдени и дека повиканите од ССКМ во постапката се обиделе да го минимизираат случајот давајќи неточни податоци.

    А, еве што вели членот 59 од Законот за заштита на конкуренцијата, кој ги опфаќа прекршочните одредби:

    „(1)Комисијата за одлучување по прекршок, на претпријатието, односно здружението на претпријатија, со решение ќе му изрече глоба во износ до 10% од вредноста на вкупниот годишен приход остварен во последната деловна година, изразена во апсолутен и номинален износ за која претпријатието или здружението на претпријатија има составена годишна сметка ако:

    1) склучи забранет договор или на друг начин учествува во договор, одлука или усогласено однесување со кои се нарушува конкуренцијата во смисла на член 7 од овој закон“.

    Седмиот член, пак, кој регулира забранети договори, одлуки и усогласено однесување, предвидува:

    „(1) Забранети се сите договори склучени меѓу претпријатија, одлуките на здруженијата на претпријатија и усогласеното однесување чија цел или последица е нарушување на конкуренцијата, а особено оние кои:

    1) директно или индиректно ги фиксираат куповните или продажните цени или некои други услови за тргување“.

    Од аспект на Законот, казните навистина се превентивни. Законодавецот предвидел за ваквите прекршувања глоби „до 10 проценти“ од приходот остварен во „последната деловна година“. А, за да биде појасно – ланските приходи на овие четири маркети се во опсег од 22,7 милиони до 301,7 милиони евра. Тоа значи дека казните зафаќаат 0,22, односно 0,017 отсто од нивниот годишен промет. Или, кај сите четири трговски друштва процентот е далеку под еден насто.

    М.А.

    (Фото: Wikimedia Commons)

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично