ПОВЕЌЕ

    ЦЕНТАР РУШИ РЕКОРДИ СО 22.736 ДЕНАРИ КИРИЈА, Бутел со најниска цена – раст на закупите од 14%

    Време зa читање: 4 минути

    Пазарот на изнајмување недвижности во државата ја заокружи 2025 година со засилена динамика и повисоки приходи во секој месец од второто полугодие во споредба со истиот период лани. Податоците од Агенција за катастар на недвижности покажуваат дека побарувачката за закуп расте, а со неа и вкупните месечни износи што се реализираат на пазарот.

    Во втората половина од годината биле евидентирани 5.237 договори за закуп, што претставува раст од 14,2 проценти во однос на истиот период во 2024 година. Најголемиот дел од нив се однесуваат на станови – 2.156 договори или 41 процент од вкупниот број. Деловните простории следуваат со 1.651 закуп (32 проценти), додека куќите учествуваат со 699 договори или 13 проценти. Земјоделското земјиште и шумите бележат 515 закупи, индустриските објекти 95, градежното земјиште 66, гаражите 25, а останатите типови недвижности 30 договори.

    Месец по месец, бројките откриваат жива активност на пазарот. Во јули биле склучени 826 договори, во август 614, во септември 755, во октомври 1.106, во ноември 959, а во декември 988 закупи. Ноември се издвојува и по приходот, тогаш бил остварен највисок вкупен износ од месечни закупнини од 453,6 илјади евра, значително повеќе од ноември 2024 година кога изнесувал 396,2 илјади евра. Најнизок приход е регистриран во август – 226,4 илјади евра, но и тоа претставува благо зголемување во споредба со истиот месец лани.

    Становите остануваат двигател на пазарот. Во второто шестмесечје од 2025 година тие донеле вкупно 553,1 илјада евра, што е пораст во однос на 465,7 илјада евра реализирани во 2024 година. И бројот на договори е зголемен – од околу 1.865 на 2.156. Сличен тренд има и кај деловните простории, каде што 1.651 закуп донел 1,182 милиони евра, наспроти 938,7 илјади евра една година претходно. Според Катастарот, ваквиот пораст може да се поврзе со зголемена економска активност и проширување на деловните капацитети.

    Благ пораст има и кај куќите – 699 закупи со вкупна вредност од 184,8 илјади евра, додека кај земјоделското земјиште и шумите бројот на договори пораснал од 384 на 515. Индустриските објекти бележат минимален пад, од 99 на 95 закупи. Единствено кај градежното земјиште е забележано намалување на вкупната вредност на закупнините во споредба со лани.

    Податоците истовремено ја откриваат и силната концентрација на пазарот во урбаните средини. Најмногу договори за изнајмување станови во второто полугодие има во општина Центар – 502. Следуваат Штип со 356, Аеродром со 301 и Карпош со 257 закупи. Центар е убедливо водечки и според вкупната реализирана вредност – 11.413.380 денари, пред Аеродром со 5.898.230 и Карпош со 5.742.485 денари.

    Разликите во цените се уште поизразени. Просечната месечна закупнина за стан во Центар достигнува 22.736 денари, речиси идентична со Карпош каде изнесува 22.344 денари. Во Аеродром просекот е 19.595 денари, во Ѓорче Петров 16.714, а во Гази Баба 15.799 денари. Надвор од Скопје, Тетово има просек од 14.896 денари. Најниска просечна месечна кирија е регистрирана во Бутел – 3.489 денари.

    Опсегот на договорените износи покажува колку пазарот е разновиден. Најнизок забележан минимум за месечна кирија е 83 денари во Струмица, додека највисокиот максимум достигнал 230.450 денари во Центар.

    Од Катастарот оценуваат дека ваквите податоци укажуваат на стабилен и активен пазар, но и на зголемена потреба од дополнителни станбени капацитети и политики за достапно домување, особено во урбаните општини каде побарувачката е најголема. Централните градски подрачја продолжуваат да ја диктираат динамиката – и по број на договори и по висина на кириите – што ја продлабочува разликата меѓу атрактивните урбани зони и периферијата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично