ПОВЕЌЕ

    Цените на земјоделските производи растат петпати побрзо од трошоците – Најмногу поскапеле овошјето и зеленчукот

    Време зa читање: 2 минути

    Наспроти умереното зголемување на земјоделските трошоци, продажните цени на производите растат со забрзано темпо, особено кај овошјето, зеленчукот и добиточните производи. И во текот на јуни, цените во земјоделството го продолжија движењето по нагорна линија, при што најизразен пораст од 22,2 насто е забележан кај растителното производство.

    Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупниот индекс на аутпутот – односно продажните цени на земјоделските производи – е зголемен за 18 проценти во однос на ланскиот јуни, додека инпутот – трошоците за производство – пораснал за 3,2 насто.

    За една година најголемата промена – за дури 46 насто, статистиката ја забележала кај зеленчукот. Со раст од 20,5 насто следуваат овошјето и грозјето.

    Кај индустриските растенија зголемувањето е за 12,6 проценти. Исто така, нагорно движење има кај добиточното производство, односно нивните продажни цени се повисоки за 6,9 насто.

    Од друга страна, одделни кај цените на одделни земјоделски производи има стагнација или пад. На пример, компирот бележи годишно поевтинување за 11,1 отсто.

    Иако цените на производите пораснале, порастот на трошоците за производство бил значително поумерен.

    Тековно потрошените средства се со трипроцентен раст. Инвестициите во земјоделството се зголемени за 5,8 насто. Добиточната храна е поскапа за 11,3 проценти. Но, најмногу поскапеле ветеринарните услуги – за 38,3 насто.

    Одржувањето на опрема и објекти се со зголемување од 10,1, а останатите стоки и услуги поврзани со земјоделското производство за 16,1 насто.

    Истовремено, енергенсите бележат намалување на цената од 5,2 отсто, што се смета за поволност во одржувањето на производните трошоци.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично