ПОВЕЌЕ

    Чебрен и (со и без) Галиште: Три децении најави и надежи за енергетска стабилност

    Време зa читање: 5 минути

    Проектот Чебрен и Галиште, за кои се потребни околу 1,3 милијарди евра, ќе се реализира со финансиска поддршка од Обединетото Кралство. Последната во децениската низа најави дојде од премиерот Христијан Мицкоски. Според него, освен производството на електрична енергија, ќе се обезбедат дополнителни количини вода за Тиквешкото поле, а акумулациите ќе ја отворат и можноста за развој на туризмот во Мариовско. Иако за јавноста не се познати условите под кои ќе се користат британските пари, тој рече дека стратешкиот проект ќе се финансира преку евтини заеми.

    Инвестицијата е 1,2 до 1,3 милијарди евра. Силно сум убеден дека не само од аспект на производство на електрична енергија ни се потребни овие две хидроцентрали.

    Имајќи ги предвид климатските промени, за иднина ќе се потребни овие два нови резервоари за вода. Убеден сум дека овие два резервоари за вода заедно со постојната Тиквеш, ќе обезбедат дополнителна количина вода за тиквешко поле, 55-60 илјади хектари прва класа земјоделско земјиште каде има многу земјоделци овоштари, каде се користи организираниот систем за наводнување, а којшто во одредени периоди во годината изостанува со вода па се намалува родот и приносот.

    Двете акумулации, имајќи ја предвид околијата на Мариово која претставува ‘црна дупка’ и е ненаселена, а имајќи предвид дека овој предел е опкружен со планини, можеме да развиваме и туризам. Тука веќе имаме заинтересирани приватни инвеститори да го опремат со придружни содржини целиот тој простор“, посочи Мицкоски.

    Стратешкиот проект, истакна, нема да заврши во мандатот на оваа влада, туку неговата реализација ќе се одвива во текот на неколку децении, затоа што „треба да донесе голема додадена вредност во државава“. И, што е особено важно, „парите се обезбедуваат преку евтини заеми како државна инвестиција, а останатото под пазарни услови и директни приватни инвестиции“.

    Нема влада која во изминативе повеќе од 30 години не се занимавала со плановите за изградба на Чебрен и Галиште. Беа објавени и 14 јавни повици, со кои се бараа странски партнери, затоа што државата нема пари за проект од ваков финансиски габарит. На пример, во 2016 година се зборуваше за износ од 450 милиони до 700 милиони евра. Сега се зпоменува речиси двојно повисока сума. И ќе биде уште поскапо со секое одложување на проектот. Во тој контекст е и реакцијата на некогашниот министер за финансии, Џевдет Хајредини: „Премиерот, пред да се фали дека во иднина ќе се изградат, добро е да одговори зошто хидроцентралите Чебрен и Галиште, како и гасификацијата на ТЕ Неготино не се изградени уште во време кога беа планирани со проширената и надградена Преродба во 100 чекори, а кога токму тој беше директор на Електростопанство на Македонија. Да беа изградени тогаш, сега со заемот од Велика Британија ќе се градеа други објекти“.

    Во обидите да се најдат средства и заинтересирани инвеститори, владите нудеа различни услови – изградба на двете хидроцентрали, изградба само на Чебрен, управување со хидроелектраната во период од 52 години, па плус управување со ХЕЦ Тиквеш, повисока брана, пониска брана… Како можни инвеститори имаше Италијанци, Руси, Французи…, а најчесто на јавните повици се јавуваше грчката Паблик Пауер Корпорејшн – ППЦ. Последниот неуспешен обид се заокружи на почетокот од минатата година. Односно, во септември 2023 избраниот најдобар понудувач за Чебрен – ППЦ Архиродон од Грција, не ја продолжи банкарската гаранција што важеше до 31 декември истата година.

    Засега не е извесно дали и овој владин состав ќе бара приватен партнер. Во неодамнешна изјава, министерката за енергетика Сања Божиновска наведе дека постои желба тоа да биде македонски државен проект, но се работи за проект кој ќе чини најмалку една милијарда евра што не е мала сума. А, од аспект на сериозниот однос кон овој проект, рече дека е веќе формирана работна група и се разгледуваат можни решенија – дали ќе се гради само Чебрен со голема висина на браната или и Галиште во каскада…

    Освен политичка волја, за остварувањето на овој повеќедецениски проект, кој датира уште од југословенско време, потребно е да се исполнат низа предуслови – технички, финансиски и еколошки. Стручњаците укажуваат на потребата од внимателно планирање и оценка на влијанието врз животната средина, особено поради локацијата која е во близина на заштитени подрачја.

    Воедно, изградбата на хидроелектраните на Црна Река е можеби најамбициозниот енергетски план, кој длабоко задира во енергетската (не)зависност на државата. Во тие рамки, лани беа бурни реакциите на Здружението на инженери на Република Македонија, кои инсистирајќи на енергетскиот суверенитет како интегрален дел на државната сувереност, поднесоа предлог-иницијатива за донесување закон за финансирање на изградбата на водостопанско-енергетските објекти, насловен „Проект Чебрен“. Во кој понудија и конкретни насоки за изградба на браната, исклучиво, со сопствени средства од државниот буџет. Зашто, како што нагласуваа, се работи прво за водостопански, а потоа за енергетски проект. Од стручна гледна точка, Македонија може финансиски да го поднесе овој проект со „интелигентно финансиско управување“.

    Во сите изминати години и децении константа е сознанието дека реализацијата на овој проект е од клучно значење за зголемување на домашното производство на електрична енергија и за намалување на зависноста од увоз. Или, и на неизградено се знае дека Чебрен и Галиште има потенцијал да ја зајакне енергетската стабилност на Македонија. Сепак, за да тргнат работите и најавите да дојдат со нивото на успешна изведба, потребна е координирана акција на сите релевантни институции.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично