ПОВЕЌЕ

    БУЏЕТСКИ ДЕФИЦИТ ИМА – ДАЛИ Е АЛАРМАНТЕН ИЛИ РЕДОВЕН ЗАВИСИ од (о)позицијата на гледање

    Време зa читање: 4 минути

    Преполовување на буџетскиот дефицит, а во нареднот период и негово враќање во нормалната рамка, беше најавувано лани во ноември, кога се презентираше проекцијата за годинешниот Буџет. Тогаш се тврдеше дека неговата одржливост се гледа токму во намалувањето на буџетскиот дефицит за 150 милиони евра, или во апсолутен износ од 545 милиони евра. Во услови на забрзан економскиот раст од 3,4 проценти.

    Неколку месеци подоцна, како аргумент за расипничкото трошење од страна на Владата, се изнесе податокот дека за само три месеци и седум дена се потрошени три четвртини од планираниот буџетски дефицит за целата оваа година. Поставен е нов рекорд, повисок за 126 проценти во споредба со истиот период во 2023, сознание што произлегува од анализата на дополнителната заменик-министерка за финансии во техничката Влада, Елена Петрова.

    Притоа, ги наведе бројките – вкупните расходи на државата нараснале за 21,3 проценти или за 286 милиони евра, наспроти приходите кои се зголемени за 5,3 насто, односно за 61,2 милиони евра.

    Обвини дека буџетскиот дефицит се користи за финансирање на тековните, а не за капиталните расходи, кои се само седум проценти во структурата, со што е прекршено златното буџетско правило дека буџетскиот дефицит треба да е поголем од капиталните расходи. Рече „сите овие буџетски расходи во овој период имаат пораст во однос на минатата година, кој е скоро пет пати поголем од порастот на приходите и тие се покриваат со задолжувања, односно со рекордниот буџетски дефицит“, надополнувајќи дека „како и досега, продолжува неефикасноста на Владата, односно на министерствата и органите во нејзин состав, да реализираат капитални расходи“.

    Уште, алармираше, според досегашните исплати, очигледно е дека во Буџетот не се планирани доволно средства за плати, пензии…

    За Министерството за финансии, состојбата е редовна. Буџетот е ликвиден, обврските се сервисираат. Состојбата кај буџетскиот дефицит е во рамки на планираното.

    „Во првиот квартал од 2024 година се реализирани приходи во износ од 69,4 милијарди денари што е за 4,8% повеќе во споредба со тој период од 2023 година и претставува 22,4% од планираното со Буџетот во 2024 година. Расходите се реализирани на ниво од 83,9 милијарди денари што е 24,4 % од планираното и за 20,1% повеќе од лани. Притоа дефицитот реализиран во првиот квартал од оваа година изнесува 14,5 милијарди денари“, тврдат од Финансии.

    Целта – буџетскиот дефицит да се намалува месечно за 0,1 процент е сериозна и претставува исклучително голем напор, посочи претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев, во изјава за Блумберг Адриа. Од 4,6 проценти во 2023, предвидено е буџетскиот дефицит да изнесува 3,5 проценти, или за скоро 1,2 процентни поени.

    „Доколку тоа го оствари Министерството за финансии, Република Северна Македонија ќе биде една од ретките земји која успеала да спроведе таква амбициозна програма и цел. Тоа беше под претпоставка БДП да се зголеми за 3,3 до 3,4 проценти. Според индикациите за првите два-три месеци од оваа година, барем според досегашните движења, нема да се оствари тој посакуван раст на БДП и од тој аспект, најверојатно, носителите на економските политики ќе мора да преземаат дополнителни мерки за контрола на јавните расходи, доколку сакаме да имаме спуштање на буџетскиот дефицит и на задолженоста“, рече Бишев.

    Што се однесува до задолжувањата, смета дека е добро што тоа повеќе се прави на домашен терен, „каде што каматните стапки растат побавно во однос на меѓународните финансиски пазари, каде се зголемија скоро за пет до шест пати“.

    Бишев вели – „тоа е прудентно управување со фискалната политика, меѓутоа мора да се стави под контрола натамошното задолжување“.

    Укажувањата на претседателот на Фискалниот совет го предизвикаа остриот коментар на Maja Кадиевска Војновиќ од ВМРО-ДПМНЕ, поранешна вице-гувернерка на Народната банка.

    Зошто ова не го кажа Бишев пред една година?! Во 2023 година буџетскиот дефицит е 4,9%, а треба да биде 3% – и вие го аминувате кршењето на Законот? Смешно е што сега се бара амнестија за расипничкото трошење на оваа власт! Прудентно задолжување нема“, реагира таа под постот на Блумберг Адриа.

    Тврди дека нема разлика дали задолжувањето се прави дома или надвор. Исто така, тврди – најлоши сме во целиот регион.

    „Најнизок раст, највисок дефицит, најниски СДИ, највисок раст на јавен долг! Каде беа експертите и вие кои сте во фискален совет, НБРМ да предупредувате“, прашува Кадиевска Војновиќ и констатира: „Јасно ти е дека сме пред банкрот со 70% истрошен дефицит од 1-4.4.2024! Јасно ти е дека оставаат овие 1.800.000.000 евра трошоци за каматни отплати и јавен долг од 8.800.000.000 евра! За три месеци само оваа година се платени 115.000.000 евра за камати на оваа власт“.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично