ПОВЕЌЕ

    БРАЗИЛСКОТО КАФЕ ПОД ЦАРИНСКИ УДАР – цената вртоглаво расте, а товарот паѓа врз САД

    Време зa читање: 4 минути

    Во трка со времето и пазарот, трговците со стоки од целиот свет се обидуваат да испорачаат што е можно повеќе бразилско кафе во Соединетите Американски Држави пред да стапи на сила новата царина од 50% на увозот од Бразил, најавена од администрацијата на Доналд Трамп. Царината треба да започне да се применува на 1 август и веќе предизвикува турбуленции на глобалниот пазар, брзи логистички решенија, ценовни шокови и страв од уште поскапо кафе за американските потрошувачи.

    Според трговците, дел од бродовите полни со кафе веќе се пренасочени на средина од патувањето, со откажани пристанишни запирања, само за да се стигне на американските пристаништа пред рокот. Други пак испраќаат резерви од бразилско кафе што се наоѓаат во Канада или Мексико, кои биле наменети за тамошните пазари, директно кон САД. Сето ова се прави за да се избегне високата царина која, според многу увозници, претставува сериозна економска закана.

    „Претходно пренасочивме дел од товарот кон САД, што доведе до подолго патување. Но, за некои пратки не можевме да го забрзаме процесот“, изјави Џеф Бернштајн, управен директор на RGC Coffee. Тие што сè уште не тргнале од Бразил веќе немаат начин да избегнат царинскиот удар.

    Царината директно се одразува на цените. Новообјавените податоци покажуваат зголемување на потрошувачките цени во САД во јуни, делумно поради пренесувањето на дополнителните трошоци од новите тарифи врз крајниот купувач. Голем број американски увозници веќе ги калкулираат 50% во цените, што значи дека американските потрошувачи ќе плаќаат скапо. „Ова е форма на оданочување што им штети на американските бизниси. Никој друг. Ниту Бразил, ниту претседателот Лула. За нас оваа царина е егзистенцијална закана“, рече Стив Волтер Томас, директор на компанијата Лукатели Кофи.

    Бразил е најголемиот извозник на кафе за американскиот пазар, покривајќи околу една третина од вкупната потрошувачка, и тоа како поединечно потекло и како основа за најчесто користените мешавини. Во споредба, САД произведуваат само околу 1% од кафето што го користат. Се очекува дека новата царина значително ќе ја наруши оваа рамнотежа. Бразилската кооператива „Експокасер“, која минатата година оствари раст од 15% на продажбата во САД, веќе најави дека не е можно да се преговараат договори за пратки што ќе пристигнат по 1 август. „Тоа е данок што се наплатува во земјата увозник, па увозниците се тие што ја носат цената и ја пренесуваат на потрошувачите“, изјави претседателот на кооперативата, Симао Педро де Лима.

    Некои трговци предвидуваат дека ако царината остане, глобалниот пазар на кафе ќе се пренареди. Бразилското кафе ќе оди кон Европа и Азија, а САД ќе се свртат кон Африка, Јужна и Централна Америка. Но, оваа замена е скапа и сложена. Еден анонимен трговец вели дека бразилското кафе сочинува околу една третина од мешавините што ги користат синџирите „Данкин Донатс“ и „Тим Хортонс“, а е застапено и во „Старбакс“. Компаниите не дадоа коментар на новонастанатата состојба.

    Во меѓувреме, цените на кафето вртоглаво растат. Цената на арабика порасна веднаш по најавата за царината, зголемувајќи го постојниот притисок врз цените. Од почетокот на годинава, цената на арабика скокна за 25%, а на робуста за 10%. Во изминатите 12 месеци, тие пораснаа за 120% и 90%, додека во последните две години – дури за 100%. Иако имаше кратка корекција по почетокот на новата берба во Бразил, долгорочните прогнози се загрижувачки. Сушниот период за време на зреењето на новите залихи значително го намали приносот, а аналитичарите предупредуваат дека недостигот на арабика ќе се чувствува најмалку до 2026 година.

    Американската Национална асоцијација за кафе избегна директен коментар за царините, но во соопштение истакна дека „кафето е составен дел од секојдневниот живот на Американците и американската економија“. Организацијата побара администрацијата на Трамп да го изземе кафето од новите трговски мерки.

    Сè додека не се донесе поинаква одлука, американските потрошувачи ќе продолжат да го плаќаат геополитичкиот данок секое утро, со секоја наредна шолја кафе.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично