ПОВЕЌЕ

    Брашно, сирење, цвекло, чај… се претера со луксузот

    Време зa читање: 2 минути

    Речиси сите прехранбени артикли од секојдневната употреба станаа луксуз, според владината листа производи за кои стапката на ДДВ се зголеми на десет проценти. Урдата доби статус на кавијар, исто како и растителните сирења, млечните намази, павлаката за готвење и мајонезот. Замрзнати теста, брашно, сирење, зденка, кашкавалот од типот гауда и ајдамер… сладолед, чипс, мастики… феферони, лутеница, цвекло, конзервирана храна… компоти, чаеви… Детска храна, гриз, овесни снегулки, еурокрем, бонбони… Тропско овошје, сушено овошје, зачини, црни бибер, сусам, сончоглед… Наполитанки, инстант кафе… Замрзната риба… Се работи за повеќе од илјада производи, кои ќе добијат повисоки цени.

    Се чини, составувачите на долгата листа не изоставиле ниеден производ од редовната употреба на граѓаните. Освен осличот. Кој заедно со публикациите – книги и електронски/дигитални учебници, брошури, весници, детски сликовници, боенки, цртанки, со менструалните производи, со пелетите, печките и котлите на пелети, остануваат со повластената стапка од пет проценти.

    Според вицепремиерот за економски прашања, Фатмит Битиќи, не се илјада и над илјада артикли, туку се опфатени 358 категории производи. Исто така, за дел од производите, посочи дека се нездрави, затоа што имаат повисока шеќерна вредност, а тоа се чипсот, гумите за џвакање, сладоледот.

    Сепак, мисли дека можеби има некој пропуст, па има веројатност кај десеттина производи да се направи измена.

    „Не ги носиме мерките на штета на едните или другите. Мораме да донесеме мерки кои ќе ја ублажат кризата и нема да нанесат штета на производителите“, посочи Битиќи, додавајќи дека на владината седница во вторник одлуката може да се ревидира.

    Одлуката за повеќе од 1.600 производи кои добиваат ДДВ стапка од десет проценти е објавена во „Службен весник“ на 28 септември, откако претходно предложените измени беа усвоени од парламентарците во Собранието. Со нив се внесе десетпроцентната нова стапка, покрај повластената од пет и основната од 18 проценти. Целат е за државната каса да се обезбеди плус прилив, според проценките на финансии, од 70 милиони евра.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично