Бугарија се соочува со својата најтурбулентна недела во последниве години, бидејќи повеќе десетици илјади демонстранти, а по некои протести бројката достигнала 150.000, синоќа повторно ги исполнија улиците на Софија и повеќе од 25 други градови, барајќи оставка од премиерот Росен Жељазков и повлекување на она што остана од спорната буџетска рамка за 2026 година. Собраните граѓани скандираа „Оставка!“ и слогани против владини сојузници како Делјан Пеевски и Бојко Борисов.
Најновите демонстрации донесоа големи толпи кои ги блокираа главните булевари околу таканаречениот Триаголник на моќта во центарот на Софија, а маршевите се протегаа низ Пловдив, Варна, Бургас, Русе и Добрич. Полицијата потврди десетици притворања по уличните конфронтации, додека граѓанските организации објавија дека повеќе од 40 лица биле приведени само за време на протестите на 10 декември.
И покрај студеното време и зголеменото присуство на полицијата, синоќа повторно се формираа нови собири, бидејќи демонстрантите бараа владата да се повлече пред парламентот да продолжи со закажаното гласање за недоверба, за кое се очекува да стане жариште за понатамошна масовна мобилизација.
ШТО ГИ РАЗГНЕВИ БУГАРИТЕ?
Протестите започнаа на 26 ноември 2025 година откако владата го обелодени нацрт-предлогот за буџетот за 2026 година – првиот буџет изготвен во евра пред планираното усвојување на еврото од страна на Бугарија. Демонстрантите се спротивставуваат на предложените зголемувања на даноците и на перципираното ингнорирање на барањата на граѓаните.
По масовните протести, владата го повлече контроверзниот нацрт-буџет. Премиерот Росен Жељазков најави обновен дијалог со синдикатите и работодавачите, но илјадници луѓе повторно се собираат низ Софија и други градови, остро критикувајќи ја корупцијата и заробувањето на државата, барајќи не само измени во буџетот, туку и оставка на владата.
Парламентот дебатира за шестото гласање за недоверба на кабинетот, предизвикано од континуираните немири.
Демонстрациите станаа секојдневни, а политичкиот притисок расте додека опозициските сили инсистираат на предвремени избори. Кабинетот инсистира дека ќе остане на власт барем до по усвојувањето на еврото на 1 јануари 2026 година.
Сепак, отстапката не успеа да ги смири улиците. Многу Бугари тврдат дека спорот околу буџетот откри само подлабоки системски поплаки: обвинувања за корупција, влошување на јавните услуги и недоверба во политичкиот естаблишмент.
Паралелно со протестите кои веќе се одржуваат, паралелни национални протести почнаа и бугарските здравствени работници, барајќи долговетувани зголемувања на платите и структурни реформи. Преговорите меѓу Министерството за здравство и медицинските синдикати се во тек, но секторот предупредува дека ако гаранциите за плати не се материјализираат во рок од два месеци, ќе следат понатамошни штрајкови.
ВЛЕЗОТ ВО ЕВРОЗОНАТА – СТРЕС ЗА БУГАРСКОТО ОПШТЕСТВО
Планираниот премин на Бугарија кон еврото стана неочекувана позадина за немирите. Бугарија – претходно сметана за следниот стабилен учесник во еврозоната на ЕУ – сега е зафатена од домашна политичка криза со неизвесни економски последици.
Поддржувачите на владата тврдат дека политичката стабилност е клучна пред промената на валутата во јануари, додека критичарите го обвинуваат кабинетот дека го користи влезот во еврозоната како штит против одговорноста.
Парламентарните опозициски партии, чувствувајќи го моментумот на уличниот притисок, веќе поднесоа предлог за недоверба на буџетот и обвинувања за лошо управување. Тие бараат предвремени парламентарни избори на почетокот на следната година, тврдејќи дека земјата мора да влезе во еврозоната со влада која ужива широк јавен легитимитет.
Премиерот Жељазков, сепак, инсистира дека нема да поднесе оставка и ја обвини опозицијата дека го искористила „тешкиот економски момент“ за да ја дестабилизира државата.
Пред да дојде на чело на бугарската влада, Росен Жељазков бил на позиција на министер за транспорт, информатичка технологија и комуникации и претседател на Националното собрание. Беше избран за премиер во јануари 2025 година по подолг период на нестабилни влади во Софија, а неговата влада е малцинска коалиција која во голема мера се потпира на надворешна поддршка.
Жељазков генерално се смета за про-ЕУ и про-НАТО, застапувајќи се за подлабока интеграција со европските структури. Сепак, неговата администрација се соочува со континуирани улични протести поради обвинувања за корупција, многу оспорен буџетски процес и општествена фрустрација од управувањето по повторените избори и политичката нестабилност.
Бугарија треба да го воведе еврото на 1 јануари 2026 година, станувајќи 21-ва членка на еврозоната откако ги исполни потребните критериуми за конвергенција, вклучувајќи контрола на инфлацијата и фискални референтни вредности.
Европската комисија и Европската централна банка (ЕЦБ) го одобрија пристапувањето на Бугарија во еврозоната порано во 2025 година, но јавното мислење останува поделено во овој момент.
(Фото: протести во Софија, илустрација, Tourbillon – Own work, CC BY-SA 3.0)
Аналитика








