Брако“ од Велес од денес ја претставува Програмата за жица и жичани производи во Диселдорф, на водечкиот саем од областа на жичаната индустрија во светски рамки, „Wire Dusseldorf“ 2022.
Жичаното производство е една од првите производствени програми во „Брако“, која континуирано се развива со низа инвестициски активности во технолошки и просторни капацитети. Со најновите инвестиции оваа производствена програма се збогати со нова еколошка линија за производство на поцинкувана жица што значи нов концепт и бројни предности. Тоа подразбира производство со нулта емисија на јаглерод диоксид во воздухот, без опасни хемикалии и без влијание врз животната средина.
„Со ова саемско претставување очекуваме да го прошириме радиусот на продажба во земји каде во моментов не сме комерцијално присутни со жичаните производи, да реализираме соработка со нови партнери за производи кои до минатата година не беа дел од нашиот асортиман, да ги согледаме последните случувања во жичаната индустрија во светот и кои би биле новите потенцијални жичани производи во кои ’Брако’ би инвестирал во иднина. Наша цел, како изложувачи на саемот ’Wire Dusseldorf’ е да ја презентираме широката палета на жичани производи по која сме препознатливи во регионот, со посебен акцент на најновите еколошки постројки со кои сме многу горди и сме први во Европа. Нашите амбиции се да прераснеме од балкански во глобален производител и добавувач на врвни жичани производи, а тие амбиции ги поткрепуваме со инвестициите кои ги направивме во 2021 и 2022 година во рамките на жичаната производствена програма. Претставувањето на овој саем го означува почетокот на реализација на овие амбиции“, вели Директорот на Жичано производство во „Брако“, Љупчо Прентоски.
Конкретно, програмата за жичани производи опфаќа производство на клинци, жарена жица, опружна жица, поцинкована жица, универзално жичано плетиво и бодликава жица.
На овој саем се промовира и „Конер Ист“, компанија – производител на матрици за ладно извлекување жица, како и обработувач на користени матрици за потребите на европскиот пазар. „Брако“ во „Конер Ист“ е партнер со италијанската компанија TKT Group, една од водечките компании во светот во производство на матрици и лубриканти за потребите на жичаната индустрија.