
Тешко е да се замисли празничниот период без вечните божиќни хитови што со децении се вртат на истите плејлисти. И пред и за време на празниците, овие песни продолжуваат да одекнуваат насекаде, во продавници и ресторани, на радио, телевизија и стриминг-платформи. За многумина тие се извор на топлина, радост и носталгија, додека за нивните автори претставуваат нешто многу поконкретно: сигурен приход што секоја зима повторно се активира. Божиќната музика одамна ја надмина улогата на празнична декорација и се претвори во сериозен и стабилен бизнис.
И во 2025 година, еден единствен божиќен хит може да обезбеди исклучително висока заработка. Најдобар пример за тоа е Mariah Carey и нејзината иконска песна „All I Want for Christmas Is You“, објавена во 1994 година. Повеќе од три децении подоцна, песната не само што не губи на популарност, туку секоја година повторно доминира на глобалните топ-листи. До крајот на 2024 година, таа ја надмина историската граница од 2 милијарди стримови на Spotify, како прва божиќна песна што го постигнала тоа.
Според проценките на Forbes, The Economist и People, Mariah Carey од оваа песна заработува помеѓу 2,5 и 3 милиони долари годишно, само од авторски и изведувачки права. Адвокатската канцеларија Manatt, Phelps & Phillips, специјализирана за музичко право, проценува дека песната генерира околу 3,4 милиони долари годишно од стриминг, радио-емитувања и лиценцирање. Вкупно, од објавувањето досега, „All I Want for Christmas Is You“ има донесено повеќе од 100 милиони долари, приход што Carey го дели со својот коавтор Walter Afanasieff. Најголемиот прилив на пари, очекувано, се случува во ноември и декември, кога Spotify бележи раст од над 860% глобално и над 1.100% во САД.
Но Mariah Carey не е единствениот пример за тоа како Божиќ може да стане финансиска сигурност. Огромни приходи и понатаму носат и класичните божиќни песни што се слушаат со генерации. „Feliz Navidad“ на José Feliciano, напишана во 1970 година, е еден од ретките празнични хитови со навистина глобален карактер. Благодарение на безброј кавер-верзии и постојано присуство во медиумите, песната и денес носи помеѓу 400.000 и 600.000 долари годишно, при што најголемиот дел од приходот оди директно кај Feliciano, кој е нејзин единствен автор.
Еден од најстарите, но и финансиски најмоќни божиќни стандарди е „Santa Claus Is Coming to Town“, напишана во 1934 година и денес да генерира меѓу 500.000 и 1 милион долари годишно, преку илјадници изведби, реклами, филмови и телевизиски специјали.
Силен подем во последните години доживува и „Rockin’ Around the Christmas Tree“, снимена од Brenda Lee во 1958 година. Песната редовно се наоѓа меѓу најстримуваните божиќни нумери, а анализите покажуваат дека годишно носи помеѓу 700.000 и 1 милион долари. Нејзиниот автор Johnny Marks, кој стои и зад „Rudolph the Red-Nosed Reindeer“ и „A Holly Jolly Christmas“, важи за еден од најисплатливите божиќни композитори во историјата.
И „A Holly Jolly Christmas“, првично снимена од Burl Ives во 1962 година, и денес има стабилно медиумско присуство. Иако е помалку експонирана, песната и понатаму носи помеѓу 300.000 и 500.000 долари годишно од авторски права.
Меѓу највредните празнични композиции е и „It’s the Most Wonderful Time of the Year“, напишана во 1963 година и прославена од Andy Williams. Благодарение на честата употреба во реклами и филмови, песната и денес генерира помеѓу 500.000 и 1 милион долари годишно.
Слична финансиска судбина има и „Rudolph the Red-Nosed Reindeer“, напишана во 1949 година. Иако започна како детска приказна, песната прерасна во глобален феномен и секоја година носи околу 500.000 долари за носителите на авторските права.
Интересен пример е и „Let It Snow! Let It Snow! Let It Snow!“, песна што воопшто не го спомнува Божиќ, но е нераскинлив дел од празничниот репертоар. Напишана во 1945 година, таа секоја зима носи помеѓу 300.000 и 500.000 долари годишно од стриминг и радио-емитување.
За разлика од сите овие примери, „Jingle Bells“ е во јавен домен, што значи дека не носи никакви авторски приходи, иако е една од најпрепознатливите божиќни песни во светот.
Неколку празнични хитови од 70-тите и 80-тите години и понатаму носат огромни суми. „Merry Christmas Everyone“ од Slade, напишана од Noddy Holder и Jim Lea во 1973 година, генерира околу 1,25 милиони долари годишно, а нејзината вкупна заработка низ децениите се проценува на повеќе од 63 милиони долари. Во истата година е објавена и „I Wish It Could Be Christmas Everyday“ од Wizzard, која му носи на Roy Wood околу 230.000 долари годишно.
Слична приказна има и „Last Christmas“ од Wham!, напишана од George Michael во 1984 година, која носи околу 380.000 долари годишно, а по неговата смрт целиот приход и понатаму се донира во хуманитарни цели.
Не сите изведувачи, сепак, го добиваат најголемиот дел од колачот. „Merry Christmas Everyone“ на Shakin’ Stevens заработува околу 180.000 долари годишно, но од таа сума тој добива само околу 13.000 долари, додека најголемиот дел оди кај текстописецот Bob Heatlie, уште еден доказ дека кај божиќните класици, вистинските пари најчесто се во авторството.
Сите овие примери покажуваат зошто божиќната музика е една од најстабилните и најисплатливи категории во музичката индустрија. За разлика од обичните хитови, кои брзо исчезнуваат, овие песни се враќаат секоја година со иста сила, носејќи приходи што траат со децении. Додека празниците доаѓаат и си заминуваат, божиќните хитови продолжуваат тивко, но сигурно да заработуваат повторно и повторно.
Катерина Михајлова
Аналитика








