Ќе има ли ефекти од усвојувањето на законот за заштита од пушење што сега е во предлог-верзија? Ќе успее ли барем делумно да ги сузбие пушачките навики и да ги спречи младите да посегнат по цигари? Можно е. Резултати ќе имаше и од претходните варијанти на ова законско решение, доколку се воспоставеше и опстојува(ше) доследна примена на пропишаните одредби.
Првиот Закон за заштита од пушење во самостојна Македонија е донесен во 1995 година. Оттогаш минаа 30 години во кои се испушени тони и тони цигари, речиси половина (45 %) од возрасното население се пушачи, просечната возраст на започнување со пушење е 13,5 години, дури 74 проценти од младите почнуваат да пушат пред 13 години, а над 80 проценти од пушачите ја формираат навиката пред 25-годишна возраст (според анализата на тинк-тенк Аналитика). Во меѓувреме Законот беше и менуван и дополнуван, а резултати имаше само во времето кога се водеше сметка дали, како и колку реално се практицира.
Овој предлог предизвика бурни реакции и пред неговото појавување на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), со што започнува јавната расправа во која можат да учествуваат граѓаните, стопанството и граѓанските организации. Предлогот на законот за заштита од пушење носи суштински новини: целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, остри ограничувања за рекламирање и промоција на тутунски и никотински производи, како и високи парични казни за непочитување на правилата.
Министерот за здравство, Азир Алиу, оценува дека целта на законот не е репресија, туку превенција и заштита на јавното здравје, особено на децата и младите.
„Со овој закон отвораме суштинско прашање што директно го засега здравјето и иднината на нашите деца. Тутунот и никотинот се водечка причина за превентабилна смрт, а новите никотински производи и агресивниот маркетинг се насочени токму кон младите“, истакнува Алиу.
Каде ќе биде строго забрането пушењето
Предлог-законот предвидува сеопфатна забрана за пушење, употреба на електронски цигари и други никотински уреди. Притоа, новина е тоа што не ќе смее да се пуши ниту во приватните возила ако во нив има дете.
Ни чад ни мирис од цигари, според членот 3, не смее да има во здравствените, социјалните, воспитно-образовните, културните и спортските установи. Во и пред објекти каде што престојуваат деца, ученици и студенти. Во државни и општински институции; на сите работни места и во службени возила; во сите видови јавен превоз и на станиците; во угостителски објекти за исхрана и сместување (ресторани, барови, меани, кантини, хотели); во трговски објекти, пазари и саеми; во заеднички простории на станбени згради; во објекти на игри на среќа, полициски станици и казнено-поправни установи.
Исклучоци се дозволени само на отворени балкони и тераси на катовите (не и во приземје) и во строго дефинирани надворешни простори, под услов тие да се отворени најмалку од три страни и физички одделени од затворениот дел.
Забрана за рекламирање, инфлуенсери и спонзорства
Исто така, предлогот предвидува целосна забрана за директно и индиректно рекламирање и промоција на тутунот и никотинот. Забранети се попусти, подароци, наградни игри, бесплатна дистрибуција, брендирање, како и дигитална промоција преку интернет, социјални мрежи, инфлуенсери, подкасти и видеосодржини.
Тутунската индустрија нема да смее да спонзорира културни, спортски, образовни и јавни настани, ниту поединци и институции. Прикажување на пушење во медиумска и уметничка содржина ќе биде дозволено само по исклучок, со задолжително предупредување дека пушењето е штетно.
Казни и до пет илјади евра
Предлог-законот предвидува високи парични казни. Највисоките се од 2.000 до 5.000 евра во зависност од големината на правното лица.
Еве какви казнени одредби содржи членот 12:
„(1) Со парична казна во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе се казни мало правно лице, со парична казна од 3.000 до 4.000 евра во денарска противвредност ќе се казни средно правно лице, а со парична казна од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе се казни големо правно лице за прекршок доколку постапува спротивно на членовите 3, 4, 5, 6, 7 и 8 од овој закон.
(2) За прекршокот од став (1) на овој член, одговорното лице во правното лице ќе се казни со парична казна во износ од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.
(3) Со парична казна во износ од 150 до 300 евра во денарска противвредност ќе се казни физичко лице за прекршок, доколку постапува спротивно на член 3 став (1) од овој закон.
(4) За прекршокот од став (3) на овој член, на физичкото лице ќе му се изрече парична казна во износ од 100 евра во денарска противвредност и на самото место на сторување на прекршокот.
(5) Кога службеното лице од член 10 став (1) на овој закон ќе утврди дека е сторен прекршок од ставовите (1 и 2) на овој член, поднесува барање за поведување прекршочна постапка до надлежниот суд“.
Во континуитет со претходните закони – но со поостар пристап
Македонија првпат донесе Закон за заштита од пушење во 1995 година. Првите законски интервенции се направени во 2003 година. Потоа следеле измените направени во 2004 и во 2005 година. Па, во 2008 во август имало измени и дополнувања, а веќе во ноември нивно дополнување. Редоследно доаѓа 2010 со измени и дополнувања со нови уредувања на одредбите; 2011 со дополнување, а во 2013 година Законот бил целосно изменет и дополнет.
Сепак, како најстрога се памети 2010 година, кога се воведе забраната за пушење во затворени јавни простории. Може да се каже дека тогаш се воведе и ред во кафеаните и кафулињата, иако не во сите. Законската рамка постоеше, но инспекциите и казнените одредби не важеа исто за сите. Дали тоа ќе се промени со новиот закон?
M.A.
Аналитика








