ПОВЕЌЕ

    БЛОКАДИТЕ ЌЕ ГИ НАРУШАТ СИНЏИРИТЕ ЗА СНАБДУВАЊЕ, предупредува Стопанската Комора пред стартот на блокирањето гранични премини кон ЕУ за товарен сообраќај

    Време зa читање: 3 минути

    Блокадите на граничните премини ќе го блокираат протокот на стоки и ќе ги нарушат синџирите на снабдување, предупреди денес Стопанската комора на Северна Македонија, кога се очекува напладне камионските превозници од државава, заедно со своите колеги од Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово и Турција да ги блокираат граничните премини кон Европската Унија за товарен сообраќај.

    Проблемот со примената на правилото од 90/180 дена за професионалните возачи во товарниот патен транспорт (евиденцијата на влез и излез на граничните премини согласно EES системот) треба исклучиво да се бара преку институциите, а не со блокади на граничните премини, за да не се случи колапс на целата економија во државата и регионот на Западен Балкан во целост, е ставот на Стопанската комора на Северна Македонија.

    Блокадите не може да бидат решение, бидејќи ако се наруши протокот на стоки на граничните премини со ЕУ, само еден ден, а не дури седум дена какви што се моменталните најави, губитници не се само транспортерите во меѓународниот патен сообраќај, туку сите деловни субјекти кои се влучени во надворешно трговската соработка. Засега никој не може да каже колкави ќе бидат загубите бидејќи тие ќе бидат по повеќе основи: пенали за задоцнета испорака, откажување на договори, намалено производство, нереализиран извоз, неможност за навремено производство ради недостаток на суровина итн, но сигурно е дека загубите ќе бидат од големи размери, што не е во ничиј интерес.

    Минатата недела СКСМ, заедно со коморите од Западен Балкан, упати заеднички апел до претседателката на Европската комисија во кое укажавме дека очекуваме земјите-членки да усвојат привремени мерки овозможувајќи им на професионалните возачи непречено да го вршат меѓународниот патен транспорт, сè додека не се воспостави трајно и системско решение. Ваквиот пристап би бил во заеднички интерес на Европската Унија и Западен Балкан и би претставувал јасен сигнал за веродостојна посветеност на интеграцијата на регионот и зачувувањето на функционирањето на синџирите на снабдувањe.

    Стопанската Комора наведува дека моменталниот пристап е неконзистентен со целите на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и тешко е да се усогласи со нашите заеднички напори за понатамошно интегрирање на економиите на регионот во Единствениот пазар на ЕУ. Економиите на Западен Балкан, како кандидати и на јасен пат кон членство во Европската Унија, целосно опкружени со границите на ЕУ, треба да имаат корист од поедноставена и диференцирана примена на режимот на ЕЕS, што ќе го одрази нивниот статус како партнери во пристапувањето и ќе обезбеди јасна разлика од другите трети земји.

    Останува фактот дека Европската Унија е нашиот најважен извозен пазар, со над три четвртини од вкупниот извоз на земјата и затоа од наш стратешки интерес е да се одржи стабилноста на синџирите на снабдување и непречено да се одвива протокот на стоки, потсетуваат од Комората.

    Одлуката за блокадата следи по одлуката на Европската комисија од април на превозниците кои со камиони превезуваат производи и стока да им биде дозволен престој во земјите во Шенген зоната само 90 дена. Во Македонија ќе бидат блокирани граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.

    Предвидено е да нема блокади на лентите наменети за патничкиот сообраќај. Ќе бидат затворени граничните терминали за влез на товарни моторни возила на територија на земјава и на коловозните ленти на самите гранични премини за излез од државата, но само на делот за товарен сообраќај.

    (Фото: архива, Vasyatka1, Wikimedia)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично