ПОВЕЌЕ

    Блок-трансакција со акциите на струмичка „Нова стоковна куќа“, една акција 150.000 денари

    Време зa читање: 2 минути

    Две берзански информации се појавија за тргувањето со акции издадени од „Нова стоковна куќа“ АД Струмица. Едната е за реализирана блок-трансакција, другата за откуп на сопствена акција, активности извршени на седмиот ден од месецов.

    „Врз основа на податоците внесени во системот за тргување на Берзата, ве известуваме за следното:

    На 07.03.2024 година Нова Стоковна Куќа АД Струмица изврши откуп на:

    -1 сопствена обична акција по цена од 61.500,00 денари за една акција, преку 1 трансакција“, се вели во објавата упатена до инвеститорската јавност..

    Во блок-трансакцијата цената за акција е повеќе од двојно повисока – 150 илјади денари. Купени се 34 акции и остварен е вкупен промет од 5,1 милион денари, односно 82,77 илјади евра.

    Основната дејност на струмичката „Нова стоковна куќа“ е издавање и управување со сопствен недвижен имот или недвижен имот земен под закуп. Од 2019 година, кога е извршено преземање на акциите, во сопственост е на Ристо Масев и Васил Георгиев, кој е член на Одборот на директори, во чиј состав се и Цвета Белчовска и Ленче Масева.

    Во последните три години, според официјалните берзански податоци, се зголемуваат и приходите и добивката. Од редовните активности минатата година се остварени приливи од речиси 501,9 илјади евра, за разлика од претходните износи – над 369 илјади евра во 2022 и над 270 илјади евра во 2021.

    Поголем исчекор има кај добивка по оданочување. Во 2021 година се броела со само 2.700 евра. Повеќе од пет пати се зголемила во 2022, на 14,23 илјади евра. Најголемиот скок е направен лани, кога била забележана чиста добивка од 258,7 илјади евра. Или 18 пати повисока од онаа во 2022 и и речиси 96 пати над таа од 2021 година.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично