
Комуникацијата со пораки напишани на хартија и спакувани во коверт одамна е заборавена. Писмото, ако стигне на нечија адреса, најверојатно е од некоја институција, опомена или сметка за месечно потрошената струја или вода, иако и таа практика е сѐ поретка. Онлајн комуникацијата ги смени навиките, но не е пречка за развој на поштенската дејност. Всушност, таа е еден од клучните сегменти на логистиката и е-трговијата – со растечки обем на пратки, нови технологии за следење и сè посилна конкуренција меѓу домашните и меѓународните компании. Во услови кога времето чини пари, брзината и доверливоста станаа новите поштенски марки.
Порталот Пари го анализира пазарот на поштенските услуги во Македонија, на кој дејствуваат стотици фирми. Податоците од Бизнис Мрежа велат: 108 компании лани оствариле вкупен приход од 46,8 милиони евра, што е за 12,5 насто повеќе отколку во 2023 година; добивката изнесува 1,4 милиони евра (+ 27,3 %), а средствата што просечно месечно се двоеле за плата се зголемени за 68,2 насто. И покрај добрите финансиски резултати, бројот на вработени се намалил за 4,8 отсто, односно од 2.751 на 2.619 лица.
Извор: Бизнис Мрежа
ДЕСЕТ КОМПАНИИ ДРЖАТ 91 НАСТО ОД ПРИХОДОТ НА 108-ТЕ КОМПАНИИ
Најголем дел или високи 90,7 насто е приход на десетте водечки компании во овој сектор. Кај нив завршиле 42,5 милиони евра. Милионски приливи се забележливи кај пет компании, кои во вкупниот промет учествуваат со 83,5 насто, што значи дека заедничкиот приход бил 39,1 милион евра. Од тие пет, две – државната Пошта на Северна Македонија и ДХЛ Експрес Македонија ‒ зафаќаат 67,5 насто. Првата со 20,4 милиони евра, со кои самата има удел од 43,6 насто, а втората со 11,2 милиони евра.
Меѓутоа, ниедна од компаниите што ја сочинуваат втората половина од оваа топ 10 листа не е со приход под половина милион евра. Во тоа друштво е и РСЕ Оптима, рекордер со процентуалниот раст од 12.651,87 насто! Овој скопски „поштар“ преклани имал приход од само 5,8 илјади евра, а со големиот исчекор лани стигнал до 738,2 илјади евра.
Всушност, уште седум компании бележат раст кој се движи од 5,23 насто (Карго Експрес од Битола) до 57,3 насто (Еко Логистик Сервис). Две компании имаат пад на приходите: државната, со популарно име Македонска пошта (‒ 0,55 %) и ИН Тиме МК БПС од Илинден (‒ 7,98 %).
Извор: Бизнис Мрежа
ДОБИВКА СО РАСТ ОД НАД 20 ИЛЈАДИ НАСТО
Износите на добивките се изразени во илјадници евра, а меѓу десетте најпрофитабилни компании се три коишто не застапени како најприходни.
На самиот врв, како и во 2023 година, е ДХЛ Експрес Македонија со профит од 407 илјади евра. Втората позиција ја задржал и Еко Логистик Сервис со 396 илјади евра, каде што работата донела повеќе од удвоена заработка (+ 135,81 %).
Во своите финансиски резултати раст кај профитот запишале седум компании, но само во две се триеле раце поради илјадниците проценти. Зголемување од 20.021,22 насто има скопски Виа Пост, каде што добивката нараснала на 34,3 илјади евра, за разлика од претходните 170,4 евра. И колегите од Мик-Мик завршиле добра работа заокружена со добивка од 55,3 илјади, која е повисока за 1.591,8 насто споредено со 2023 година.
Со намалена добивка се две компании: ВИП Пошта од Скопје (‒ 5,54 %) и Карго Експрес од Битола (‒ 65,40 %).
Вкупната добивка на првите десет компании изнесува 1,2 милиони евра, проследена со позитивна годишна промена од 20 насто. Треба да се спомене дека во вкупниот профит на 108 фирми, овие десет донеле 85,7 насто.
Извор: Бизнис Мрежа
ДРЖАВНАТА ПОШТА Е НАЈГОЛЕМ РАБОТОДАВАЧ
Државната пошта, без оглед на турбуленциите низ кои мина и минува, и натаму е најголем работодавач, иако бележи намалување од осум насто. Институцијата којашто со децении е упориште за вработување партиски кадри, лани функционирала со 1.702 вработени, што е за 148 помалку од преклани.
Во редот на поголемите работодавачи се и битолскиот Карго Експрес (176) и Еко Логистик Сервис (150), каде што екипираноста не бележи промени.
Тимовите на останатите поштенски фирми се помали. Бројат од 26 до 70 работно ангажирани лица.
Во однос на вкупниот број во дејноста (2.619), вработените кај десетте најголеми работодавачи претставуваат 89,4 насто.
Извор: Бизнис Мрежа
ПРОСЕЧНА МЕСЕЧНА НЕТО-ПЛАТА ОД 8.400 ЕВРА!
Платите на вработените во поштенските услуги се движат од 570 евра па нагоре, сѐ до 8.400 евра, колку што е просекот во РСЕ Оптима. Само една година пред тоа, просечното примање било 340 евра. Не е познато дали во земјава има и друг случај на плата што се зголемила за 2.339,57 насто, но мора да се наведе уште еден интересен податок – таму има само двајца вработени.
Вработените во уште две компании примаат плати со просек повисок од илјада евра. На второто место е Мејл Боксес со 1.500 евра, следен од ДХЛ Експрес Македонија со 1.200 евра.
Извор: Бизнис Мрежа
Се чини дека од традиционално сервисен, поштенскиот сектор во Македонија успешно се трансформира во иновативен и технолошки напреден сегмент што го движи растот на е-трговијата и на деловните активности. Од познатите причини, единствено државната Пошта заостанува во тој процес, но и натаму е клучен столб на националната инфраструктура.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








