Приватниот сектор, освен редовното усогласување, не може да издржи дополнително зголемување на платите без олеснувања на давачките за придонеси, предупредува претседателот на Бизнис-конфедерацијата, Миле Бошков.
„Усогласувањето на минималната плата во март е прифатливо за нас, тоа е законска обврска и мора да се испочитува“, вели Бошков, но нагласува дека „секое дополнително покачување, без ослободување од социјални придонеси, ќе биде сериозен товар за стопанството“.
Според него, барањето за зголемување на платите за 6.000 денари е остварливо само доколку тој износ биде ослободен од придонеси и оданочен единствено со персонален данок.
„За да можеме да покачиме повеќе, како што бараат синдикатите, во интерес и на работодавачите и на работниците, покачувањето од 6.000 денари треба да биде ослободено од социјални придонеси, и тоа во сите сектори“, истакнува Бошков.
Во спротивно, објаснува тој, трошокот за компаниите драматично расте.
„Со сегашните давачки, зголемувањето од 6.000 денари реално ја чини фирмата уште дополнителни околу 4.500 денари за придонеси, што е неостварливо за многу компании“, вели Бошков.
Исто така, укажува дека дека и покрај растот на БДП, економијата е длабоко поделена.
„Без оглед на позитивните макроекономски показатели, станува збор за поделена економија – големи и мали. Малите, кои се 98 проценти од економијата, не можат драстично да ги зголемуваат трошоците за работење“, нагласува Бошков.
Како аргумент, тој се повикува и на податоците од Централниот регистар.
„Многу мал процент од македонските компании остваруваат профит врз основа на кој плаќаат данок. Не станува збор за фрази – малите, микро и средни фирми навистина се соочуваат со тешкотии. Енормните профити се само замислена категорија“, вели Бошков.
Во однос на процесот на носење одлуки, Бошков смета дека темата за минималната плата мора да се разгледува во рамките на Економско-социјалниот совет.
„Треба отворено да се разговара и да се објаснат состојбите. Само професионалците, врз основа на искуство и доверба, можат реално да ги кажат состојбите во одредени сектори“, посочува тој.
Инаку, во Бизнис-конфедерацијата на Македонија членуваат околу 8.000 компании, најголемиот дел микро и мали претпријатија.
Аналитика








