ПОВЕЌЕ

    БИЗНИС ШТО НА ПАРИТЕ ИМ ДАВА МИРИС: Цвет по цвет – милиони в џеб

    Време зa читање: 4 минути

    Со првите пролетни денови почнува масовната еуфорија за цвеќе. Независно дали ќе се засади во двор, ќе се стави во саксија на тераса, или пак на прозорец – цвеќиња мора да има. Од година во година се зголемува нивната понуда, разновидноста, достапноста… Речиси нема јунак што ќе издржи без да се поднови со по некоја садница. Во тренд се и разни нови видови дрвја, грмушки, зимзелени огради. Сето тоа може да се најде по пазарите, во расадниците, на социјалните мрежи. Садењето е хит до доцна есен!

    Пари анализираше: Колку е исплатлив овој бизнис? Дојдовме до изненадувачки бројки. Постојат фирми што се занимаваат со цвеќе, а остваруваат приход поголем од еден милион евра. Секако, овие џиновски цвеќарници продаваат и цвеќе на големо, снабдуваат и институции, разубавуваат и компании, а прават и хортикултурно уредување, одржуваат градини.

    Според податоците од Бизнис Мрежа, шампион по приход за 2024 година е САРДОНИКС СД ДОО Скопје со направен промет од 1,6 милиони евра! Компанијата може да се пофали и со нето-добивка од 69.300 евра. Сепак, таа не е шампион по добивка. Најголемата добивка ја направила битолската МАРТЕ ЕКО ЦВЕТ и таа лани изнесувала 90.850 евра, а приходот ѝ бил 1.375.000 евра.

    Во групата со над 1 милион евра приход има уште две компании ‒ Флорест и Фојако.

    Фирми во бизнисот со цвеќе и садници со приход над 1 милион евра

    Извор: Бизнис мрежа

    И СО МАЛКУ ВРАБОТЕНИ ИМА ГОЛЕМИ ПРИХОДИ

    Иако кога ќе се спомене расадник, асоцијацијата е многу вработени, сепак, податоците покажуваат дека за цвеќињата треба знаење, но не и многубројна работна рака. Така, САРДОНИКС СД во 2024 година имал 10 вработени, МАРТЕ ЕКО ЦВЕТ имал 6, а ФЛОРИСТ 4. Со поголем број на вработени отстапува ФОЈАКО, кој лани имал 41 вработен.

    Што се однесува до платите, тие во овие компании лани се движеле од просечни 27.526 денари до 32.547 денари.

    Број на вработени и просечни плати во најголемите со бизнисот со цвеќе

    Извор: Бизнис мрежа

    КАКВИ ПРОФИТНИ МАРЖИ „ПРОЦВЕТАЛЕ“?

    Цвеќето бара љубов и нега, но не создава висока додадена вредност. Какви се профитните маржи во такви услови?

    Од податоците може да се види дека профитната маржа (сооднос меѓу нето-профитот и вкупниот приход) на САРДОНИКС СД е 4,3 насто.

    МАРТЕ ЕКО ЦВЕТ има профитна маржа од 6,6 насто, што веќе се смета за солидна маржа за оваа дејност.

    ФОЈАКО Скопје е компанискиот назив за можеби еден од најекспонираните расадници меѓу скопјани – ФОЈА. Оваа компанија успеала да создаде профитна маржа од 8,8 насто, што е најсолидната меѓу овие големи играчи во светот на цвеќето.

    ФЛОРИСТ ДООЕЛ, пак, лани успеала да направи профитна маржа од 4,7 насто. Во 2023 година не можеле ниту да размислуваат за профитна маржа затоа што биле во загуба. Податоците од Бизнис мрежа упатуваат и на предупредување за компанијата дека има долг кон УЈП.

    НЕ ИМ ОДЕЛО НА СИТЕ СО ДОБИВКИТЕ

    Секако, не се за занамарување ниту оние што успеваат да направат приходи над 100.000 евра. И тука има повеќе фирми. Но, нив, што се однесува до добивките, минатата година не им била среќна. На сите значајно им се зголемиле расходите и значајно им се намалиле добивките. Грин планет и со 371.500 приход влегла во загуба.

    Фирми во бизнисот со цвеќе и садници со приход над 100.000 евра

    Извор: Бизнис мрежа

    Интересни факти за овие „помали“ расадници се што РОБИ И БОБИ ФЕМИЛИ ДОО има само двајца вработени. Во ХОРТИ ДИЗАЈН има 9, во ГРЕЕН ПЛАНЕТ 4, во Хорти експерт 6, а исто току имало и во ГРИН ВОРЛД ЗМ.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично