Читајте квалитетна содржина на порталот ПАРИ – таму каде што информацијата вреди.
Вкупниот приход што лани заеднички го оствариле сите електрани што работат со обновливи извори на енергија е 107,7 милиони евра, покажуваат податоците од Бизнис Мрежа. Нивната вкупна добивка е речиси 24 милиони евра, податок што покажува дека оваа дејност е високо профитабилна, со големо учество на профитот, од дури 22,8 насто, во вкупниот приход во дејноста. Сепак, податоците покажуваат и дека иако приходот во 2024 година се зголемил во однос на 2023 година, добивката се намалила.
Производство на електрична енергија од обновливи извори
Извор: Бизнис мрежа
ПОСТОЈАТ ДУРИ 1.494 ЦЕНТРАЛИ ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ
Обновливите извори на енергија создаваат една сосем нова енергетска приказна за нашата држава. Увозот на електрична енергија значајно се намали, а бројот на производители на струја од обновливи извори на енергија се зголеми. Податоците од крајот на 2024 година зборуваат за дури 1.494 електроцентрали од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од 1.663 MW, што претставува речиси 56 насто од вкупната инсталирана моќност на територијата на државата! Нивното производство, пак, лани учествувало со 41 насто во вкупното производство на електрична енергија. Според Извештајот на Регулаторната комисија за енергетика за 2024 година, најзабележителен е порастот во производството на електрична енергија од фотонапонските електроцентрали, дури за 186 насто во споредба со 2023 година. Споредено со 2014 година, производството на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали е зголемено за речиси 60 пати!
Минатата година 89 насто од бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија е обезбедена од домашно производство. Значи, увозот изнесувал 11 насто. Пред да почне експанзијата со обновливите извори, зборувавме и за увоз од 30 насто.
Пари, во соработка со Бизнис мрежа, ги анализираше најголемите производители на струја од обновливи извори. Пресметките покажаа дека десетте најголеми по приход, направиле заеднички промет од 54,8 милиони евра во 2024 година, десетте компании што се на врвот по добивки направиле заеднички профит од 15,1 милион евра, а најголемите 10 работодавачи меѓу ваквите производители на струја, заедно имаат само 154 вработени.
ЕВН ЕЛЕКТРАНИ Е ШАМПИОН И ПО ПРИХОД И ПО ДОБИВКА
ЕВН Македонија Електрани ДООЕЛ Скопје, или, како што е позната, ЕВН Електрани, е фирма ќерка на ЕВН Македонија. Таа управува со 11 мали хидроцентрали со вкупна инсталирана моќност што изнесува 47 MW, кои на годишно ниво обезбедуваат електрична енергија за околу 20.000 домаќинства. ЕВН Електрани поседува и 6 фотоволтаични централи со вкупно 20 MW инсталирана моќност.
Оваа компанија е на врвот и по приход и по добивка од производство на струја од обновливи извори на енергија. Лани остварениот приход ѝ бил 15 милиони евра, но тоа е дури 29 насто помалку отколку во 2023 година. Добивката на оваа компанија чие целокупно производство на струја е од обновливи избори на енергија, изнесувала 7,2 милиони евра, речиси половина од приходот. И оваа добивка била значајно помала отколку во 2023 година, за дури 23,6 насто.
На листата на 10 компании по приход се 5 што успеале да влезат и во ТОП 10 по добивка, но 5 и покрај прометот не биле толку профитабилни.
ТОП 10 производители на струја од обновливи извори според приход во 2024 година
Извор: Бизнис мрежа
Како што може да се види од податоците, две компании: ТХОР ИМПЕКС и БИО ЕНТЕРПРАЈС, и покрај милионските приходи се во загуба.
Тхор Импекс е инвеститор на ветерниот парк Богословец, кој започна со работа на 24 јануари 2024 година со осум ветерни турбини меѓу Штип и Свети Николе.
НЕМАЛЕ НАЈГОЛЕМИ ПРИХОДИ, АМА ИМАЛЕ НАЈГОЛЕМИ ДОБИВКИ
Евн Електрани, Централ инвест и Меј енерџи се компаниите што ги држат првите три места по добивка. Нивните добивки, како што може да се види и од табелата на компании со најголеми приходи се: 7,2 милиони евра, 2,4 и 1,9 милиони евра.
На листата на ТОП 10 компании по добивка има 5 компании што не се на листата на компании со најголеми приходи:
Извор: Бизнис мрежа
Производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија, со вклучување и на големите хидроелектрични централи, во 2024 година изнесува 2.516 GWh, и е зголемено за 16 насто во однос на 2023 година, односно зголемувањето е за 343 Gwh.
„Во услови на зголемени инвестиции во обновливите извори на енергија, потребно е создавање предуслови што ќе поттикнат изградба на енергетски капацитети што ќе обезбедат балансна енергија. Дополнително, со можноста за поставување уреди за складирање електрична енергија (батериски системи) ќе се зајакне енергетска стабилност на државата“, пишува во Извештајот на Регулаторната комисија за енергетика за 2024 година.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска