На земјоделците поддржани со новата мерка „Бизнис план во земјоделството“ им се доделени 206 договор, како начин да користат помош до десет илјади евра за набавка на производствена опрема и механизација. Мерката, во вкупна вредност од 1,5 милиони евра е во рамките на Програмата за рурален развој, воведена прв пат како дел од најголемата земјоделска реформа.
„Земјоделците имаат можност да набавуваат земјоделска механизација, пчеларска опрема, силоси, опрема во објекти за производство на храна од животинско или неживотинско потекло, опрема за навигација и смарт земјоделство на постоечки трактори, комбајни и приклучна механизација и широка лепеза на друг вид опрема со која сме во чекор со потребите и современите светски трендови“, истакна премиерот Димитар Ковачевски.
Воедно, ги посочи мерките кои се преземаат за поддршка на земјоделството, а спомена финансиската поддршка за малите производители на храна, за малите семејни винарии, за малите дестилерии, како и за младите земјоделци, жените земјоделки и поддршката во рамките на ИПАРД програмата.
„Целта на секоја држава е да произведе повеќе домашна храна. Затоа, ставивме силен фокус на зголемување на домашното производство на земјоделски производи и храна, преку конкретни мерки од кои придобивки имаат и земјоделците и граѓаните. Реализираме еден од нашите врвни приоритети – со повеќе инвестиции за модернизација, до стабилно, продуктивно земјоделство и задоволни земјоделци. Ги помагаме нашите вредни земјоделци, за остварување на нивните визии за добар бизнис, поквалитетно домашно производство и побогати приноси. Овозможуваме тие да се профилираат и да станат поконкурентни и на домашните и на странските пазари“, рече Ковачевски.
Мерката „Бизнис план“ е воведена првпат годинава, а денес се финализира со бројки за почит, нагласи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
„Оваа мерка се покажа како една од најдобрите, најпотребните или народски кажано, полн погодок. Сме успеале да допреме до сржта на очекувањата на земјоделците, да им го дадеме токму тоа што го сакаат и што им треба. Одобрени се 206 апликации. Тоа се 206 одлични идеи за земјоделски бизнис. Ова значи дека сме покренале лавина од мисли, идеи, предлози, тоа е лавина од нова надеж кај земјоделците и нивните семејства, нова желба за работа, нов поттик, ново ентузијастичко размислување дека државата силно ги поддржува земјоделците, со неповратни финансиски средства во форма на грант до 10.000 евра по корисник“, истакна министерот Николовски.