Секторот енергетика креира 10 до 15 отсто од БДП во нашата економија. Оттука, јасно е дека изборите што ги правиме во енергетскиот сектор денес, ќе имаат големо влијание врз иднината на нашата економија и благосостојба. Но, и врз енергетската безбедност на идните генерации, нагласи вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, на отворањето на МЕФ Енергетскиот форум 2023. Токму затоа, посочи, Форумот ќе послужи како инклузивна платформа за дијалог, размена на знаења, но и за споделување иновативни пристапи, најнови достигнувања, трендови и стратегии за решавање на прашањата поврзани со енергетиката.
„Зелената енергија, не нарушувајќи ја рамнотежата на нашиот комплексен еко систем, е клучна за зачувување на животната средина. Токму забрзаните климатски промени и деградацијата на животната средина не водат кон итна транзиција од фосилни кон обновливи извори на енергија со ниска емисија на стакленички гасови, која треба да ја сметаме за императив и во креирањето и спроведувањето на политиките“, рече вицепремиерот и додаде дека планирањето и подготовката за идните фази гарантира одржливост и стабилност.
Тој посочи и на податоците од Меѓународната агенција за обновливи извори на енергија, кои упатуваат дека лани во светот е остварен историски рекорд во инсталирањето капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, кој изнесува 295 гигавати, што претставува 83 отсто од вкупните инвестиции во производство на електрична енергија. „Пред економијата се портретира иднина во која изворот на виталната енергија од фосилните горива се поместува кон ветрот, сонцето и водата. Оваа трансформација ќе вклучи и креирање нови зелени и високо продуктивни работни места. Според проекциите за 2030 година во овој сектор ќе бидат отворени 38 милиони работни места, а во 2050 бројот ќе се зголеми на 50 милиони“.
Осврнувајќи се на владините ангажмани во овој домен, вицепремиерот наведе дека сите политики и мерки со кои се креира подобра енергетска иднина на земјата, се фокусирани на изградба на нови капацитети на базна енергија и истовремено, производство на енергија од обновливи извори.
„Во однос на производство на базна електрична енергија, при крај е процесот на евалуација на понудите за изградба на најголемиот извор од хидро капацитетите за проектот „Чебрен“, со проценета вредност на инвестиции од милијарда евра и предвиден капацитет на производство на базна енергија од 300 – 330MW.
Истовремено, со зголемен интензитет растат јавните и приватни инвестиции во обновливи извори на енергија. Во последните две години во државата има инсталирано и ставено на мрежа повеќе од 207MW фотоволтаични централи. Дополнително на ова, нашите политики привлекоа приватни инвестиции од повеќе од милијарда евра, кои во наредниот период ќе изградат капацитет од над 1GW“, информираше Битиќи.
Збирувајќи за значењето на регионалната конкурентност и поврзаност упати на изградбата на интерконекторот со Албанија со кој ќе се комплетира Коридорот 8 за пренос на електрична енергија Исток – Запад, помеѓу Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Италија. Исто така, го посочи МЕПСО, кој работи на зголемување и на капацитетот на пренос на електрична енергија по Коридорот 10, преку зголемување на капацитетот на интерконекторот Битола – Лерин, кој треба да биде удвоен во наредните неколку години. А, пак, работи и на диверзификација на снабдувањето со природен гас, преку градење на интерконектор со Грција. „Тоа за нас значи дека нема да бидеме зависни само од руски гас кој доаѓа преку интерконекторот со Бугарија, туку за нас ќе е достапен и гасот од ЛНГ терминалот во Александруполи“, нагласи вицепремиерот, додавајќи дека регионалната поврзаност се случува и во насока на изградба на интерконектори за гас и со останатите соседи, што покрај диверзификација, за нашата земја ќе значат дека сме на енергетската карта, поставени како хаб на Балканот.
„Целосно либерализираниот енергетски пазар, со веќе формирана берза на електрична енергија, отвореноста како за странски така и за домашни инвеститори, поедноставените административни процедури за поставување на фотоволтаици и сите други мерки кои оваа Влада ги носеше во изминатиот период, ми даваат за право да констатирам дека се движиме во вистинската насока, креирајќи додадена вредност, го отворивме патот за одржлива и просперитетна енергетска иднина за нашата држава“, заклучи вицепремиерот Битиќи.