Поради слабостите во буџетското планирање државата ја затвора сметката со притисок што ќе се префрли како новогодишен подарок врз животниот стандард на граѓаните, смета пратеникот на СДСМ и поранешен вицепремиер задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи. Притоа, го пласира и податокот – годинава, само на домашниот пазар Владата се задолжила за околу 661,5 милиони евра. Кога планот за приходите не се исполнува, тогаш се позајмува, напиша тој на социјалните мрежи, а објавата е насловена „Новогодишен подарок за граѓаните – камати!“.

Битиќи, повикувајќи се на достапните податоци, наведе дека на 29 декември буџетските приходи биле на ниво на реализација од 91,1 отсто (332,388 милијарди денари). На 31 декември, кога приливите во државната каса требаше да се заокружат на 100 проценти, посочи дека недостигаат уште 32,47 милијарди денари, односно околу 528 милиони евра.
Еве што друго претпразнично напиша Битиќи:
„Имаме кристално јасен индикатор за слабости во буџетското планирање и, уште поважно, имаме сигнал дека на крајот од годината државата ја затвора сметката со притисок што ќе се префрли како новогодишен подарок врз животниот стандард на граѓаните.
Кога планот за приходи не се исполнува, тогаш се позајмува и буџетската слика станува уште појасна. Вчера беше планирана аукција на државни обврзници од 4,4 милијарди денари, а денес се реализира во висина од 6.100.550.000 денари (100 милиони евра) — 1.700.550.000 денари (27,6 милиони евра) повеќе од тоа што беше вчера планирано.

И ова не е изолиран потег, туку целогодишен образец, односно ако оваа акција е симптом, тогаш годишната сума е економска дијагноза. Во оваа година Владата на домашен пазар се задолжи 40.683.070.000 денари (околу 661,5 милиони евра).
Овој новогодишен подарок за граѓаните носи порака дека кога буџетскиот план не се исполнува, тогаш се купува време со задолжување, но времето не е бесплатно, тоа се плаќа со камати, со намалени инвестиции, со поскап живот и со иднина во која следната генерација финансиски ќе ја сервисира денешната ‘буџетска стабилност’“.
Аналитика








