Бреинчајлд Продукција ќе инвестира повеќе од 13,5 милиони евра преку основање две нови компании, едната во делот на производството, а другата ќе биде фокусирана во активности за истражување и развој. Вредноста на планираната инвестиција во производство е 11,5 милиони евра, со што ќе отворат 275 нови работи места во наредните пет години, а со проектирана цел за 10 години да се реализираат вкупно 530 вработувања, изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи. Притоа информираше дека во делот на истражувањето и развојот, Бреинчајлд планира инвестиција од два милиони евра, која ќе создаде 35 нови работни места, со што се зголемуваат можностите за граѓаните од Пелагонискиот регион.
Вицепремиерот ја посети компанијата Бреинчајлд Продукција, која произведува спортска опрема наменета за водените спортови со ветер, односно опрема која се користи за сурфање на водени површини.
„За реализација на инвестициите компанијата веќе има обезбедено градежни парцели во индустриската зона Жабени, а во моментов сме во фаза на подготовка на договорите за државна помош согласно Законот за контрола на државна помош“, рече Битиќи.
Ралф Хенинг Гросел, сопственик и менаџер на Брајнчајлд Продукција, изјави дека компанијата изработува опрема за спортови на ветер од еколошки и одржливи материјали од најсовремените технологии, со производствени капацитеи во разни држави вклучително и на азискиот континент, но условите за компаниите, особено владината поддршка за инвестициите биле пресудни да го преселат бизнисот во Македонија.
„Фактот што Северна Македонија е во срцето на Европа и поседува голем потенцијал во работна сила, а истовремено нуди и владина финансиска поддршка за инвестициите, беше многу ветувачки за нас, особено во плановите за изградба на нов производствен капацитет од 10 илјади метри квадратни“, изјави Гросел.
Фабриката Брејнчајлд Продукција е лоцирана во Индустриската зона во Битола.