Инклузивност и широка вклученост на голем број граѓани, на граѓанскиот и бизнис секторот, на институции, млади и ранливи групи, е постигната со Националната развојна стратегија. Првиот драфт на документот кој претставува визија за развој на државата во следните 20 години беше презентиран пред Управниот одбор задолжен за негово креирање, на кој се работи две години.
Според вицепремирот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, станува збор за најобемниот и најкомплексен процес, но според и еден од најважните започнати од независноста на државата.
„Горд сум дека успеавме да ја постигнеме инклузивноста и широката вклученост на голем број граѓани, граѓанскиот и бизнис секторот, институции, млади и ранливи групи. Ова е еден од предусловите за да се осигураме дека Националната развојна стратегија ќе биде наша, на сите нас. И сите ќе се грижиме за нејзино реализирање, затоа што заедно сме ја креирале“, рече Битиќи.
Заеднички договорената консензуална визија претставува договор за државните интереси Притоа, вели вицепремиерот, треба да се мапираат ресурсите, да се утврдат приоритетите и патот до до нивното постигнување.
„Затоа е важно нашата заедничка визија да е доволно реална и прецизна за тоа каде се наоѓаме, но доволно далеку гледа и оптимистична за тоа каде за 20 години треба и можеме да стигнеме. И ако ова не е доволно комплексно, да утврдиме кои се чекорите како тоа ќе го постигнеме, кои се ресурсите и начинот на нивно усмерување и искористување кои ќе не доведат до посакуваната цел“, нагласи Битиќи, заблагодарувајќи им се на сите вклучени во овој процес – „сите кои во овие скоро две години даваа коментари, целиот тим на експерти кој работеше на стратегијата и домашни и интернационални, нашите развојни партнери, Собранието, кабинетот на претседателот, мојот кабинет и секој еден граѓанин кој со својот придонес дал дел од себе за наша заедничка подобра иднина“.
Наскоро, според вицепремиерот, ќе се затвори и конечниот текст, па стратегијата ќе оди на гласање во Собранието, а негово очекување е дека ќе биде едногласно усвоена, бидејќи во изведбата на овој зафат биле консултирани и сите политички партии.
На состанокот прсуствуваа амбасадорот на Република Словачка, Хенрик Маркуш, Росана Дуџак, постојан координатор на Обединетите нации во нашата земја и Ендру Бренд, раководител на програмскиот тим од амбасадата на Обединетото Кралство.