ПОВЕЌЕ

    Билкилајф го носи руралниот потенцијал во градот: Саем на домашни и природни производи  

    Време зa читање: 3 минути

    Домашни и природни производи, лековити билки и традиционални вкусови од рурална Македонија ќе бидат претставени на настанот „Од рурално до урбано“ – Саем на домашни и природни производи, што ќе се одржи утре (14 март) во Јавна соба во Скопје. Настанот го организира Билкилајф – Центар за хербализам, туризам и одржлив развој.

    Целта на саемот е да ги приближи руралните производители до урбаната публика и да создаде простор за промоција на локалното производство, традиционалните знаења и одржливите практики поврзани со лековитите билки и земјоделските производи.

    Посетителите ќе имаат можност да дегустираат и да купат природни производи изработени со традиционални методи – лековити и ароматични билки, природна козметика, мед, земјоделски преработки, како и вино, ракија и рачно изработени производи инспирирани од природата.

    На саемот ќе учествуваат и пет локални производители кои ги поминале едукативните обуки во рамките на проектот и стекнале практични знаења за подобрување на продажбата, пласманот и развојот на своите производи.

    „Со овој саем сакаме да покажеме дека руралните производители и лековитите билки имаат огромна вредност за нашето општество. ‘Од рурално до урбано’ е настан каде што природата, традицијата и локалното производство се среќаваат со градската публика и создаваат нови можности за развој. Во руралните средини постои огромен потенцијал – знаење, традиција и природни ресурси, а со овој настан сакаме тој потенцијал да го донесеме во градот“, изјави за Пари координаторот на проектот, Марија Георгиевска.

    Во рамките на проектот претходно биле организирани и повеќе едукативни обуки и работилници посветени на развојот на одржливо земјоделство со лековити билки. Учесниците се запознале со основите на органското билкарство, заштитата на билките и климатски отпорните земјоделски практики.

    Саемот се реализира во рамките на проектот „Со лековити билки до одржливо земјоделство и рурален развој“, чија цел е да ја зајакне врската меѓу руралното производство и урбаните потрошувачи и да поттикне поголема поддршка за малите локални производители.

    Проектот е поддржан од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија, во рамките на регионалната иницијатива Farm to Fork Academy – „Академија Од фарма до вилушка за Зелен Западен Балкан – Нашата заедничка европска иднина“, финансирана од Европската унија.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично