Иновациите се дури петпати поризични отколку да одите во казино. Или, кога фрлате паричка шансите за успех ви се 50 проценти. Но, кај иновациите, 95 проценти од нив пропаѓаат. Вие одите по патека за која сте свесни дека шансите за успех се петпроцентни. Ако тоа го знаете, ве охрабрувам да одите по патеката, бидејќи ако ја погодите, тоа е траекторија на рапиден раст. Но, зошто би оделе сами по таа патека? Не одете сами! – порачува виско едуцираниот и специјализиран експерт за иновации, Стојче Тасков, во вториот дел од поткастот „PariTalks“.
Како човек што знаењето го стекнувал на Стенфорд, Харвард и Оксфорд, и како основач на компании кои создаваат „нови пазари“ и нови модели на живеење и работење, советува:
„Ако сте, на пример, ИТ човек, технолошки сте генијален, сте создале технолошко решение, одете најдете експерт за бизнис моделирање, најдете експерт за финансирање, направете партнерство. Заедно имате поголеми шанси за успех. Сами, можеби ќе успеете, но шансите ќе бидат помали од еден процент ако немате партнери“.
Во светот на иновациите, вели, се влегува со ментален став и со храброст за тестирање. А, за тоа каде треба да се бара иновацијата, посочува – демографските трендови кажуваат каде ќе се случи некоја иновација. Но, и концентрацијата на бизниси, знаења и научно-истражувачка работа. Тоа е место каде што нешто ќе се случи. Едните истражуваат, другите се спремни тоа да го платат.
За успешна иновација се потребни оперативна генијалност, генијалност на бизнис моделирање и финансиска генијалност, нагласува Тасков.
„Јас тврдам и го знам тоа – ако го погрешите изворот на пари кој ви ја финансира иновацијата, вашата иновација ќе пропадне. Кога иновирате ви требаат money patient for growth, unpatient for profit. Некој што е спремен да ви ги даде парите затоа што бизнис моделот на ниво на unit economics е позитивен, но е свесен дека освојувањето на adoption кривата и треба време. Ако земете money кои се, пример, patient for profit, but unpatient for growth, ќе имате проблем. Таа иновација ќе пропадне бидејќи некој ќе си ги побара парите, а иновацијата не може да ги создаде како free cash flow за да ви ги врати. Значи, мора да знаете дека сами не може за изиновирате“.
Тасков вели дека меѓу функционалноста и искористувањето на функционалноста постојат три бариери: дали знам како тоа да го користам?; дали е тоа достапно за мене?; дали можам да платам?
„Создавањето на технолошката функционалност е почеток на иновирањето. Над тоа следи adoption. Освојувањето на пазарот за вашиот нов начин на задоволување на човечка потреба да стане доминантен начин, не е прашање на технолошка генијалност. Тоа е прашање на бизнис моделирање и бизнис генијалност. Најголемите иновации во светот не се технолошки иновации“.
Во таа насока посочува – колку сака нека е чудно, но најголемата иновација е одложеното плаќање.
„Плаќањето на рати е најголемата иновација што некогаш се појавила во светот. Пред одложеното плаќање агрегатната потрошувачка моќ на едно општество била толкава колку што има пари во моментот. И одеднаш, луѓето прават aggregate consumption кој е илјада пати поголем отколку што е реалниот паричен потенцијал на таа економија. Разбирате за каков раст зборуваме во потрошувачки општества? Невиден! Што е иновацијата? Одложено плаќање“.
За идните иноватори, Тасков со препорака:
„Успехот доаѓа затоа што имате фанатички фокус кон нештото и сѐ додека верувате во тоа, правете го тоа. Тоа е мојата порака. Ако сакате да иновирате во нешто ново што не постои, првата работа што треба да ја разберете е дека еден човек во исто време не може да биде на две места. Затоа мора да си најдете партнери. Можеби ја имате идејата, можеби ја имате технолошката генијалност, но не смеете да управувате во исто време со две компании, со две бизнис линии… Затоа што едното ќе ви биде син, другото посинок. Можеби имате доволно пари и двете да ги финансирате во исто време… Ако планирате да правите повеќе од една работа, да иновирате во нешто што е сосема ново, би предложил – гледајте во технологијата која веќе постои, која е достапна, која поминала барем еден, два теста на одржливост… Гледајте како може во вашата индустрија, во вашата замисла нешто да овозможи. Да отстрани некаква бариера, да го направи нештото подостапно. Ако можете да видите таква патека и можете да најдете партнери, земете ја идејата, создадете бизнис модел, создадете бизнис план, направете или парнерство или пич, што и да сакате – направете го тоа. Ако имате енергија“.