Сојузот на синдикатите на Македонија во текот на следните денови ќе поднесе кривична пријава против министерот за финансии Фатмир Бесими и против сите инволвирани кои не сакаат да го почитуваат законот кој сами си го донесоа и се пишманија, а на штета на работниците.
Најавата за овој потег, образложуваат од ССМ, се темели на тоа што е „сторено кривично дело по член 166 од Кривичниот законик“, со што министерот го повредил, одземал или ограничил правото што му припаѓа на работникот и не ја зголемил платата на вработените во Министерството иако има законска обврска за тоа.
„Владата во обид да го спаси, усвои предлог Закон за изменување и дополнување на Законот за буџети што, за среќа на работниците, не е поминат во собраниска процедура, па владејачкото мнозинство сега бара свои полтрони пратеници кои денеска на Законодавно правна комисија треба да сторат кривично дело по членот 166 и да го амнестираат министерот и неговиот избор да не почитува закон и тие да се заглават и да сторат кривично дело преку тоа што ќе го толкуваат членот 66, став 3 од Законот за буџети по желба на Министерот за финансии Бесими“, велат од ССМ.
Воедно, прашуваат дали владините претставници кои пред само еден месец го фалеа и се фалеа со ваквото добро законско решение кое значи вреднување на вработените, сега ги омаловажуваат и дискриминираат своите вработени.