ПОВЕЌЕ

    Берзата со повеќе трансакции во февруари – акцијата на Комерцијална банка го носи прометот

    Време зa читање: 2 минути

    Раст на индексот и подинамично тргување е забележано на Македонска берза во февруари, но и извесно намалување на вкупниот промет. Промени нема во редоследот на најтргуваните акции, одреден од интересот на инвеститорите манифестиран на официјалниот пазар.

    Учеството со повеќе од половина во вкупниот промет (52,36 %), ја потврдува доминантната позиција на акцијата на Комерцијална банка. Остварен е месечен промет од 197.559.976 денари или 3,2 милиони евра. Цената се движела од 27.900 до 28.500 денари, со просек од 28.344,33 денари. Преку 556 трансакции биле истргувани 6.970 акции.

    Акцијата на Акалоид ја има позицијата на една од најликвидните на Берзата, со стабилен промет од над еден милион евра, поточно 62.836.929 денари, чијшто удел е 16,65 проценти. Истргувани се 2.481 акција низ 346 трансакции. Притоа минималната цена била 25.000, максималната 25.999, а просечната 25.327,26 денари.

    Купопродажбата на 344 акции на Макпетрол преку 94 трансакции се заокружила со месечен промет од 38.611.987 денари (626 илјади евра). Оттаму произлегла и просечната вредност од 112.244,15 денари, додека најниската изнесувала 110.601, а највисоката 113.000 денари. Во вкупниот промет партиципира со 10,23 проценти.

    Во месечната статистика се регистрирани 129 трансакции со 550 акции издадени од НЛБ Банка. Највисокото ценовно ниво било 58.000 денари, најниското 55.999 денари, а просечното 57.523,15 денари. Со прометот од 31.637.735 денари (512,9 илјади евра) има придонес од 8,39 проценти.

    Според прометот од 12.967.053 денари (210,2 илјади евра), акцијата на Стопанска банка Скопје го зазема петтото место на оваа листа. Присутноста на Берзата се согледува преку уделот од 3,44 проценти, реализираните 71 трансакција и истргуваните 4.920 акции. Ценовниот распон е од 2.500 до 2.650 денари, при што е постигнат просек од 2.635,58 денари.

    Општите, пак, берзански карактеристики за февруари се: пазарна капитализација од 5,85 милијарди евра (+2,18 %); вкупен промет од 14,6 милиони евра (-10,03 %); изведени 1.470 трансакции (+8,81 %). Главниот индекс МБИ10 заврши на 10.143,73 поени, бележејќи раст од 1,72 насто.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично