Седумнаесет блок-трансакции имале значајно влијание врз вкупниот декемвриски промет остварен на Македонска берза, кој е за 90,6 насто повисок од ноемврискиот. Износот е 1.016.766.496 денари или 16.523.186 евра. Уделот на блоковите е 72,47 отсто, чија реализација достигнала 736.877.183 денари, односно 11.974.860 евра.
Прометот е светлата точка што произлегла од активностите во текот на последниот месец од изминатата година. Другите параметри се со предзнак минус. Пазарната капитализација е намалена за 0,47 отсто, а сумата е 357,19 милијарди денари. Бројот на трансакциите (1.310) е понизок за 8,65 отсто. А, основниот индекс МБИ10 го заврши месецот на ниво од 10.054,59 поени, со пад од 1,37 проценти.
Во инвеститорскиот фокус биле две банкарски, две фармацевтски и акцијата на најголемиот дистрибутер на горива. Составот на топ пет листата најтргувани акции е речиси сосема ист како и претходниот декември, а разлика, и тоа поголема има кај бројките, со оглед на тоа што таа 2024 година беше берзански извонредна.
И во декември акцијата на Комерцијална банка била првиот избор на инвеститорите. Реализирани се 430 трансакции, преку кои се истргувани 3.850 акции. Крајниот ефект се брои со 1,73 милиони евра, што претставува удел од 39,06 отсто во вкупниот берзански промет. Притоа, цената се движеше во распон од 27.400 до 28.200 денари, со месечен просек од 27.717,23 денари. Пазарната капитализација изнесува 63,46 милијарди денари (над една милијарда евра).
Со акциите на Алкалоид се тргуваше по цени меѓу 24.900 и 25.699 денари, а месечниот просек е 25.182,13 денари. Вкупно беа истргувани 2.324 акции, со промет од 951,3 илјада евра и учество од 21,42 проценти. Забележани се 292 трансакции, а пазарната капитализација е 581,8 милиони евра.
Предмет на купопродажба во декември биле 268 акции издадени од Макпетрол. Во забележаните 92 трансакции остварен е промет од половина милион евра, а придонесот во вкупниот промет е 11,27 проценти. Пазарната капитализација е во износ од 202,8 милиони евра. Оваа акција имаше минимална цена од 111.000, максимална од 116.000 денари, а просечната е 114.832,94 денари.
Во 67 трансакции биле истргувани 374 акции на НЛБ банка. Прометот достигнал 345,3 илјади евра, а уделот е од 7,78 проценти. Пазарната капитализација е 783,2 милиони евра. Акцијата го заврши декември со просечна вредност од 56.822,43 денари (56.100 денари минимална, 57.400 денари максимална цена).
Со Реплек се заокружува топ 5 листата. Со истргуваните 1.094 акции е направен промет од 287,5 илјади евра. Во вкупниот промет партиципира со 6,47 проценти. Реализирани се 93 трансакции, а пазарната капитализација изнесува 68,5 милиони евра. Во тргувањата цената одеше од 15.900 до 16.250 денари, со просек од 16.166,86 денари.
Сево ова е во доменот на класичното тргување, каде што е регистриран месечен пад од 8,62 отсто кај трансакциите (1.293) и од 27,51 отсто кај прометот (4,55 милиони евра). Декемврискиот промет со акции е во износ од 4,5 милиони евра (-27,96 %). Наспроти тоа, кај обврзниците има раст од 123,09 проценти и сума од 41,5 илјади евра. Сепак, процентуалната доминација е кај блок-трансакциите: ноемврискиот промет бил 2,4 милиони, декемврискиот безмалку 12 милиони евра, а месечната разлика е 394,95 насто.
Аналитика








