Поради огромниот број на барања за изградба на фотоволтаици, а ограничените можности за приклучување на мрежата, Министерството за економија ќе ги заостри условите за издавање на согласност. Министерот за економија Крешник Бектеши во поткастот „Каде се парите“ на pari.com.mk истакна дека во моментов има барања за приклучок само во преносната мрежа од 6.000 МW, во дистрибутивната мрежа над 4.000 МW, а во државава, според „Стратегијата за развој на енергетиката“ на МАНУ, од обновливи извори на енергија до 2040 година треба да се изградат капацитети со вкупна можност до 1.500 МW.
„Тие што добиле дозвола за приклучок во мрежа тоа е веќе завршена процедура и тие веќе имаат капацитет кој е резервиран за нив согласно податоците што ги има Дистрибуција. Се до овој момент што не е дојдено до фаза за добивање дозвола за градба, треба да се ревидира и првично да се добие согласност од страна на Министерството за економија, од страна на Дистрибуција и од страна на МЕПСО“, изјави министерот Бектеши додавајќи дека веќе според „Индикативниот план“ се знаат регионите каде може да се градат фотоволтаици.