ПОВЕЌЕ

    Баргала-од некогашен гигант со 1000 вработени до стечај и милион евра загуба

    Време зa читање: 2 минути

    Загуба од милион евра покажал минатата година некогашниот кожарски гигант штипска Баргала. Најголемиот производител на кожарски производи за пет и пол година бројката на вработени ја намалила за речиси пет пати. Од 1000 вработени во 2016-та до помалку од 200 годинава.

    Фабриката сега е пред стечај. Штипскиот суд, по барање на синдикатот отвори предстечајна постапка, откако газдата неосновано отпушти над 100 вработени.
    Фабриката сега има општа забрана да располага со имотот, а привремен стечаен управник ќе ја оценува состојбата.

    Претседателот на ССМ, Дарко Димовски вели дека барањето следи по несоодветниот третман на работниците од газдата.

    Тоа се 4 неисплатени плати заклучно со денес, како и блокираните сметки на АД Баргала повеќе од 45 дена…Тоа се случи по барање на нашите членови во ССМ и ние постапивме по барањето и дадовме предлог. На наша среќа или не среќа тоа е прифатено, изјави за Канал 5 Дарко Димовски, претседател на ССМ.

    Но, синдикатите не сакаат фабриката да се затвори. Ќе бараат да се рестартира и сите работници да бидат вратени на работа. Димовски смета дека имаат доволно докази и аргументи да успеат во намерата.

    Ќе има голема работа стечајниот управник бидејќи ние ќе бараме рестартирање, а тоа ќе значи дека стечаен управник ќе треба да обезбеди работа за работничките и таа фабрика од нерентабилна да биде рентабилна, да не ја затвориме и да не дојде до продавање на имотот на фабриката. Интенцијата е да ги задржиме, да ја задржиме фабрика и од таму да ја вадиме нашата егзистенција како работници, додава тој.

    А, работењето на „Баргала“ подолг период е под лупа и на УЈП…Директорката Сања Лукаревска претходно кажа дека инспекторите откриле безброј финансиски злоупотреби од големи размери. Но, не само во таа фабрика…Од УЈП најавија дека наскоро ќе излезат и со сите наоди за повеќе фирми најмногу од текстилната и кожарската индустрија кои неосновано испуштаат работници и не исплаќаат плати.

    Првото рочиште за „Баргала“ е закажано за 26 август.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично