Банките во јануари располагале со 654.827 милиони денари или 10,65 милијарди евра, средства доверени од граѓаните и од компаниите. Во текот на првиот месец од годинава вкупните депозити на годишна основа се зголемени за 10,5 насто, под влијание на домаќинствата. Паралелно со тоа, позитивната промена има и во сегментот кредитирање, од 13,6 насто. Вкупните кредити достигнале износ од 561.166 милиони денари, односно 9,12 милијарди евра. Придонес за тоа имаат и двата сектори, но повеќе корпоративниот.
Меѓутоа, на месечно ниво кај депозитите е регистриран пад од 1 отсто, поради „намалените депозити на двата сектори, со поизразен придонес на корпоративниот“, појаснуваат од Народната банка. Вкупните кредити, пак, имале раст од 0,5 насто, каде што позначајна била улогата на населението.
Исто така, се посочува дека во јануари вкупните депозити на домаќинствата биле проследени со осипување од 0,4 отсто, како резултат на намалените депозитни пари. Годишниот раст изнесува 11,3 насто. Парите на граѓаните се во износ од 7,2 милијарди евра.
Истовремено, вкупниот долг на домаќинствата кон домашните банки е 4,5 милијарди евра. Во јануари е забележано и месечно (+ 0,5 %) и годишно зголемување (+ 11,2 %), што произлегува од растот кај двата вида кредити – во денари и во девизи, при што предност има домашната валута.
Најбараните и најкористетните потрошувачки кредити се на нивото од 2,3 милијарди евра, на што претходел месечниот пад од 0,2 насто. Сепак, годишното движење е плус 10,7 насто. Станбените кредити, кои се повисоки за 0,7 на месечно и за 16,1 насто на годишно ниво, се во износ од 1,8 милијарди евра.
Интересот за купување автомобил на кредит е зголемен месечно за 0,1, а годишно за 0,7 насто.
Олабавување има на задолженоста преку кредитните картички – од 0,9 отсто на месечна и 5,2 отсто на годишна основа. Негативните салда на тековните сметки се повисоки за месечни 15 и за годишни 0,8 насто. Кредитите одобрени врз други основи, во јануари се намалени за 1,7 отсто на месечно и за 11,8 отсто на годишно ниво.
Речиси 3 милијарди евра се вкупните депозитите на корпоративниот сектор, кои во текот на јануари опаднале за 2,1 отсто, „како резултат на намалувањето на краткорочните депозити“. На годишна основа се поголеми за 9,8 насто
Компаниите се корисници на 4,6 милијарди евра, средства кои банкарите ги квалификуваат како кредитна поддршка. Во јануари бележат раст од 0,4 насто, првенствено поради поголемиот интерес за денарските кредити. Споредено со ланскиот јануари, нивото на вкупните кредити е зголемено за 16,2 насто, „што во целост произлегува од зголеменото кредитирање во денари, во услови на пад на кредитите во странска валута“, се вели во месечните согледувања на Народната банка за монетарните движења.
Аналитика








