ШАРЕНИЛО НА КАМАТНИТЕ СТАПКИ НА ШТЕДЕЊЕТО, КОЈ КОЛКУ ДАВА?
Анализа: Какви се каматите на депозитите кај нас и во регионот?
Ако денеска орочите 5.000 евра, Шпаркасе банка за една година ќе ви исплати камата од 2,3%, односно принос од 113 евра. Истата каматна стапка ја има и Промо депозитот на Халк банка, но за рок на орочување од 13 месеци. За орочување на 13 месеци, Прокредит банка нуди каматна стапка од 2,1%, која за овој период носи принос од 113,75 евра. УНИ банка и Стопанска банка Битола за 12 месеци ќе ви исплатат камата од 2%, односно 100 евра.
Останатите банки нудат пониски каматни стапки. Во понудата на Капитал банка, 12-месечниот депозит има камата од 1,50%, а кај ТТК банка е со каматна стапка од 1,05%.
Каматната стапка што ја нудат Комерцијална, Стопанска банка, Силк роуд банка и Централна кооперативна банка изнесува 0,40%, така што за една година на 5.000 евра добивате камата од 20 евра. Депозитот класик на НЛБ банка има каматна стапка од 0,30% и ви носи годишен принос од 15 евра, додека Виолетовиот депозит со рок на орочување од 13 месеци е со каматна стапка од 0,45% и носи принос од 24 евра за тој период.
Иако повеќето домашни банки ги намалија каматните стапки на депозитите на граѓаните на почетокот од оваа година, сепак штедачите во Македонија можат да добијат поголем принос на своите заштеди од, на пример, хрватските штедачи. Загребачка банка за една година исплаќа камата од 1%, Привредна банка Загреб од 0,8%, а државната ХПБ од 0,6%. Рајфајзен банка Загреб нуди каматна стапка од само 0,02%.
Кај српските банки има големи разлики исто како и кај македонските. Комерцијална банка Београд, на пример, за орочен депозит на 12 месеци нуди каматна стапка од 2,47%, а Ерсте банка Србија од 0,43%.
Трендот на намалување на каматните стапки започна оваа година заедно со очекувањата за глобален пад на каматите. Шефот на американските Федерални резерви најави дека САД оваа година ќе ги намалат клучните камати три пати од по 0,25%, но се уште не кажа кога ќе се случи првото намалување. Доларските каматни стапки се уште се на рекордно високо ниво, а од високото ниво не се откажува ниту Банката на Англија.
„На ФЕД ќе му треба повеќе време отколку што се мислеше за да се увери дека високата инфлација навистина паѓа“, изјави првиот човек на американската централна банка, Џером Пауел. Од намалување на каматните стапки го одврати високата инфлација, која во март изнесуваше 3,5%. Доларските каматни стапки остануваат во распонот од 5,25% до 5,5%, што е највисоко ниво во овој век.
Се очекува Европската централна банка во јули да почне со намалување на каматните стапки откако инфлацијата во еврозоната во април падна на 2,4%. Пазарите очекуваат европските гувернери да деуваат независно од Американците. Намалувањето на каматите ќе им одговара на Италија, Германија и Франција затоа што поевтиниот капитал ќе го поттикне опоравувањето на нивните економии.
Македонските граѓани генерално се расположени за штедење во банка, така што вкупниот износ на депозитите постојано расте, а трендот на повисоки каматни стапки секако им годеше уште повеќе. Дури ни рекордно високите каматни стапки што ги понуди државата за граѓанските обврзници не ги натераа граѓаните да им откажат љубов на банките.
Имајќи предвид дека каматните стапки за денарско штедење се многу поатрактивни од тие за евра, се повеќе граѓани штедат во домашната валута. Последните податоци што ги објави Народната банка покажуваат дека во март има годишен раст на депозитите на граѓаните од 9,3%.
Редакција Пари