ПОВЕЌЕ

    БАЛКАНСКИТЕ КАМИОНЏИИ УТРЕ ЌЕ ГИ БЛОКИРААТ ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ КОН ЕУ, бараат решение за нивниот престој во Шенген зоната

    Време зa читање: 5 минути

    Возачите на камиони од Западен Балкан утре, со почеток на пладне ќе ги блокираат граничните терминали на ЕУ кон Шенген зоната, во знак на протест против новиот систем за влез/излез на Европската унија, откако немаше никаков сигнал од Брисел за потенцијално решавање на проблемот со транспортните работници од Балканот.

    Транспортните здруженија од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија тврдат дека EES „ја загрозува нивната способност за работа“.

    Македонските транспортери, како и оние од Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, најавија дека во понеделник ќе започнат седумдневна блокада на граничните премини што водат кон Шенген зоната.

    Во наредните седум дена ќе има целосна блокада на граничните премини за влез и излез на товарните возила. Камионските транспортери од цел Балкан ги паркираат камионите на границите, незадоволни од новиот систем за влез и излез од Европската унија со кој поради броењето им се скратуваат деновите за престој на возачите.

    Билјана Муратовска, генерален секретар на Здружението на организации на работодавачи на транспортни трговски друштва „Макам-транс“, за МИА изјави дека се свесни за последиците од блокадата, но нагласи дека доколку се исполнат нивните барања, придобивките ќе бидат огромни во однос на растот и развојот на економијата и во земјата и во Западен Балкан.

    Според Муратовска, Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато на Дебар и Блаце. Додека Табановце останува отворено од наша страна, меѓутоа нивнитее колеги од Србија ќе го блокираат.

    Муратовска вели дека засега нема сигнали од Европската комисија за какви било преговори во врска со решавањето на проблемот со евидентирање на престојот во Шенген зоната во согласност со правилото од 90/180 дена за професионалните возачи.

    „Доколку до понеделник не се добијат информации од ЕУ, протестот во сите четири земји ќе започне точно во 12 часот за сите возила што ја напуштаат земјата, а за сите возила што влегуваат во земјата граничните премини ќе бидат затворени во 00:00 часот за да можат сите што се враќаат дома да влезат и да се приклучат на протестот”, рече Муратовска.

    Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, меѓународна организација во областа на мобилноста и транспортот, за магазинот Јуропеан Вестерн Балканс изјави дека „разбираат дека постојат загрижености во врска со имплементацијата на новиот европски систем за влез/излез, дигитален систем на ниво на цела ЕУ дизајниран да го регистрира влезот и излезот на државјани од трети земји на надворешните граници на Шенген зоната, вклучувајќи ги и релевантните податоци за патување“.

    „Прво и најважно, важно е да се нагласи дека правилата што го регулираат влезот и излезот од Шенген зоната не се променети; туку, она што се промени е начинот на кој се обработуваат податоците за патување“, забележува Постојаниот секретаријат на ТК.

    Системот за влез/излез (EES), кој постепено се воведува почнувајќи од 12 октомври 2025 година, подразбира дигитална регистрација на граѓаните на земјите надвор од ЕУ, вклучително и оние од шесте земји од Западен Балкан, кога патуваат во 29 европски земји. Системот собира и складира биометриски податоци како што се отпечатоци од прсти, слики од лицето и други информации за патување, со што ги заменува печатите во пасошот.

    РЕШЕНИЕ НЕМА, КАМИОНЏИИТЕ РЕВОЛТИРАНИ

    Некои возачи на камиони се пожалија на EES, дозволувајќи максимален престој од 90 дена во кој било 180-дневен период на професионалните возачи од земјите надвор од ЕУ, и покрај честите прекугранични патувања што ги бараат нивните работни места.

    „Ако поделите 90 дена на шест месеци, на возачите им остануваат најмногу 15 дена фактичко присуство во Шенген зоната. Денот на влез се смета за прв ден, денот на излез како последен, а тоа се транспорти што мора да бидат чести“, изјави за N1 Неѓо Мандиќ, претставник на Здружението на транспортери на Србија.

    Според N1, неколку возачи на камиони ја обвинија ЕУ дека се обидува да привлече квалификувана работна сила од регионот.

    „Веруваме дека ова е многу лукава намера на Европската Унија да ја земе нашата најквалификувана работна сила и да ги земе сите наши возачи“, изјави Ѓорѓије Љешњак од Здружението на транспортери на Црна Гора.

    Неколку медиуми во Србија објавија дека Европската комисија „внимателно го следи најавениот протест на Здружението на превозници во меѓународен транспорт од Западен Балкан и е во контакт со партнерите од Западен Балкан“.

    „EES не воведува нови правила за должината на краткорочните престои во Шенген зоната, но овозможува подобро спроведување на правилата. Според Шенгенскиот договор, граѓаните кои не се членки на ЕУ можат да останат во ЕУ 90 дена во рок од 180 дена, а секој подолг период мора да биде покриен со долгорочна виза или дозвола за престој“, изјави Маркус Ламер, портпарол на европскиот комесар, објави веб-порталот 021.

    Ламер додаде дека сегашниот договор за EES „веќе обезбедува одредена флексибилност, што е овозможено за прекуграничните работници, за оние кои често го користат истиот премин и за лицата со посебни дозволи“.

    „Тие лица не се регистрираат во EES, но се подложни на случајна контрола… Одлуките за случајни контроли се на земјите-членки на ЕУ“, забележа тој.

    Камионските транспортери се револтирани бидејќи за сите други транспортни дејности има решение, само за нив не. Велат решението е едноставно – и за нив да важат отстапките кои важат за кабинскиот персонал во авионскиот, бродскиот и железничкиот транспорт.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично