ПОВЕЌЕ

    АРХЕОЛОЗИТЕ АПЕЛИРААТ НА СОВЕСТА НА ПРАТЕНИЦИТЕ: По скратена постапка се уништува културното наследство и приватната сопственост

    Време зa читање: 5 минути

    По скратена постапка и брзопотезно денес треба да се изгласаат измените и дополнувањата на девет закони со кои на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ им се обезбедуваат огромни поволности поврзани со изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10. На удар се законите за земјоделско земјиште, за експропријација, за заштита на културното наследство, за урбанистичко планирање, за минерални суровини, за работни односи, за шумите, за градење, за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, а предлагачи се група пратеници од владејачкото мнозинство.

    Предложените експресни измени предизвикаа големи реакции и негодувања, особено од страна на стручната јавност. Македонското археолошко друштво МАД на протест пред Собранието денес побара итно повлекување од дневниот ред на Законот за културното наследство и бараат од Владата да не дозволи бизнис интересите да го уништат културното наследство.

    Со измените во Законот за заштита на културното наследство со предложеното додавањето на еден став во член 65 од Законот се прави обид за целосно заобиколување на Министерството за култура, Управата и надлежните установи за заштита, сметаат тие, и бескрупулозно и свесно се уништува културното наследство со катастрофални последици, а во име на поголем јавен интерес, зад кој се крие профитерска зделка од огромни размери, рекоа на денешниот протест на МАД и ИКОМОС Македонија. Остро реагираат на тоа што пратениците знаат дека ќе во текот на работите ќе се дојде до археолошко наоѓалиште, односно до предмети од археолошко значење, но нашле начин тоа да се занемари.

    „Дали сте свесни дека делницата Требеништа – Струга – Ќафасан е дел од светското природно и културно наследство на охридскиот регион, под заштита на Унеско? Дали сте свесни колку закони и меѓународни конвенции кои се ратификувани во оваа држава ќе прекршите со дигањето рака за овие измени? Господа пратеници, свесно уништување и прикривање на културно наследство е кривнично дело, без преседан кога во тоа е вклучено највисокото тело на државата која всушност треба да се грижи за него“, нагласи Орданче Петров од МАД.

    „Господата пратеници, отворено и без нималку свест и совест за културните вредности на државата, бараат да се занемари заштитата на културното наследство која како темелна вредност е од исто толку голем јавен интерес за државата и нејзините граѓани и се остварува задолжително на територија на целата држава, без исклучок. Оттука не смеат да се дозволат било какви отстапки и законски процедури со кои остава простор за уништување на културно наследство, без разлика на инвеститорот и стратешкиот интерес“. Притоа, додаваат, „за шверцерскиот обид со кој би се легализирало уништувањето на културното наследство Македонското археолошко друштво ги извести сите политички фактори во државата, претставниците на дипломатскиот кор и меѓународните институции за заштита на културното наследство“.

    Кристина Бицева од ИКОМОС наведе дека предлог законот е спротивен на сите меѓународни конвенции за заштита на културното наследство, вклучително и на Ревидираната Европска конвенција за археолошкото наследство на Советот на Европа од Ла Велета, ратификувана од нашата земја во 2005 година.

    „Предлог-законот е во спротивност и со Повелбата за заштита и управување со археолошкото наследство на ИКОМОС која ја нагласува потребата од тесна соработка меѓу инвеститорите на развојни проекти и стручните лица за заштита на археолошкото наследство. Ова е и во контекст на веќе остварената интегрирана заштита на културното наследство во нашиот правен систем, во повеќе закони кои гарантираат соодветен третман на културното наследство во системот на просторно и урбанистичко планирање, како и при изведувањето на инфраструктурни проекти“, вели Бицева.

    Платформата на граѓански организации за борба против корупција исто така побара повлекување на дневниот ред. Со писмото адресирано до претседателот на Собранието и до народните избраници, и мпосочуваат дека нивна должност е заштитата на уставниот и на правниот поредок.

    „Пратениците имаат обврска да овозможат должна дискусија и да повикаат стручни лица и засегнати страни на расправа при носење на закони и измени на закони. Ова е особено важно при носење на одлуки кои по својата природа се сложени и дерогираат или овозможуваат исклучоци при спроведување на општите закони. Исто така овие одредби сериозно ги нарушуваат и индивидуалните права на сопственост загарантирани со Уставот. Носењето специјален закон, како што е Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, уште од самиот почеток вклучуваше ризици од корупција, бидејќи ги заобиколуваше општите закони, на што укажа и Платформата во тогашната реакција, а кон критиките се придружија и други домашни и странски чинители“, пишува во писмото.

    Познато е, со конзорциумот „Бехтел и Енка“ Владата потпиша договор за изградба на четири автопатски делници во вредност од 1,3 милијарди евра, без средствата за експропријација и проектирање.

    Уште од самиот почеток на овој „невиден“ проект, како што го квалификуваат од Владата, присутни се низа скандали и сомнежи за нерегуларности, кои старуваа со самиот избор на Конзорциумот, кој ја доби работата без јавен оглас.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично