ПОВЕЌЕ

    АПЕЛ ОД ДОМАШНИТЕ ЕКСПЕРТИ ДО ВЛАДАТА: Не го продавајте Чебрен, не го подарувајте ХЕЦ Тиквеш, граѓаните ќе паднат во финансиско ропство

    Време зa читање: 4 минути

    Чебрен да го изградиме самите, а ХЕЦ Тиквеш да не ја даваме по ниту една цена, бидејќи, во спротивно, Македонија ќе изгуби премногу, а нејзините граѓани ќе западнат во децениско должничко ропство. Ова е лајт-мотивот од излагањата на експертите на денес одржаната трибина во скопскиот Салон 19 19, под наслов „Чебрен – македонски ресурс – не е за раздавање“, во организација на Здружението на инженери на РМ“.

    Експертите по енергетика бараат Владата да го стопира процесот за потпишување на договорот за давање на Чебрен на грчки Архидерон. Според експертите Македонија со давање на еден витален енергетски објект и на своите ресурси на странци ја губи во целост шансата да биде енергетски независна држава. Експерите бараат одговори, зошто после 13 пропаднати тендери Владата се одлучила токму за оваа понуда на грчката компанија , а не за останатите понуди од минатото кои биле далеку поповолни од сегашната.

    Доколку ХЕЦ Тиквеш, кој сега е во македонски раце и продава евтина струја во нашиот електроенергетски систем, влезе во пакетот кој ќе му биде даден на инвеститорот, какви што се најавите, оваа ХЕЦ повеќе нема да продава евтина струја, туку ќе ја продава на берза и ќе биде петпати поскапа. „На тој начин ние се лишуваме од нашите 150 гигават часа електрична енергија годишно и ги предаваме во рацете на странскиот инвеститор. На тој начин веднаш е јасно дека ја поткопуваме енергетската независност на државата“, рече професор Атанаско Туневски.

    Експертите потсетија дека ХЕЦ Тиквеш не е застарена хидроцентрала каква што Владата сака да ја прикаже, таа е релативно скоро реновирана и претставува вредност, која не смее да биде отуѓена.

    Ако денеска струјата на ХЕЦ Тиквеш чини околу 8 милиони евра на годишно ниво и се пласира до нашите домаќинства, истата таа струја, истата таа количина, ако се продаде на берза ќе чини 40 милиони евра. Значи се јавува сериозна разлика од 30тина милиони евра на годишно ниво. Или за 60 годишна концесија околу милијарда и 800 или 2 милијарди евра разлика во цените, додаде Туневски, поранешен член на Регулаторната комисија за енергетика и некогашен експерт за енергетика на владеачката СДСМ.

    Експертите се согласни дека Чебрен треба да се изгради , но не смее да се брза со потпишување на ваков договор, со кој Грците гратис го добиваат Тиквеш. Тие сугерираат дека далеку подобро решение е Македонија сама да ја изгради хидоцентралата Чебрен, макар и со помал капацитет.

    „Ако инвестираме самите, продаваме по сегашната заштитена цена од 53 евра нето сегашната вредност би била околу милијарда и 600 сегашни евра, а доколку продава ЕСМ на берза тоа би била сегашната вредност на проектот дури 2,5 милијарди денешни евра. Додека со инфлацијата тоа би изнесувало некој 10 милијарди идни евра… “, изјави Дејан Трајковски, професор на Техничкиот факултет во Битола

    Владата по 13 неуспешни тендери во текот на три децении, во септември годинава донесе одлука за реализација на хидроцентралата Чебрен. Проценетата вредност е 1 милијарда, сите средства за изградбата ќе бидат на концесионерот грчки Архиродон. Обврска на земјава е да даде ХЕЦ Тиквеш како удел кога Чебрен ќе почне со работа, а За возврат Македонија ќе добие 33 % од сопственоста.

    И покрај сите апели на дел од експертската јавност, Чебрен и водите да останат македонски, хидроцентралата Чебрен да не се дава во рацете на странци, државата не се откажува од тоа. Договорот со грчкиот инвеститор ќе биде потпишан, изјави премиерот Димитар Ковачевски. Кога точно не се знае, но според  роковите тоа треба да се случи  овој месец.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично