Пред 5 години сме можеле да купиме дури 57 килограми леб повеќе со тогашната просечна – нето плата во однос на сегашната, а платата „претворена“ во зејтин ни вредела 58 литри повеќе. Но, што се однесува до електричната енергија, сега со една просечна плата можеме да купиме 833 киловат-часа електрична енергија повеќе отколку пред 5 години.
Ова е резултатот од анализата што ја направи „Пари“ користејќи официјални податоци од Државниот завод за статистика и од Регулаторната комисија за енергетика.
Анализиравме како сме живееле пред една деценија и пред 5 години во споредба со сега. Но, она што не изненади како заборавен податок е што пред 10 години, односно во 2011 година сме имале високи цени, особено на бензинот и на зејтинот, но, истовремено сме имале и многу пониски цени на лебот, на струјата… Високите цени на бензинот во услови на значително пониска плата, довело до тоа, тогаш со просечната нето-плата да може да се купат дури 100 литри бензин помалку отколку сега.
Според извештајот на НБРМ за 2011 година, просечната инфлација таа година била дури 3,9 проценти. Ова е период по големата финансиска криза од 2008 година, но и година со неповолни климатски прилики.
„Како и во претходната година, и во текот на 2011 година зголемувањето на ценовното ниво доаѓаше од фактори на страната на понудата, односно од понатамошниот пораст на светските цени на храната и енергијата. Главен двигател на растот на инфлацијата во текот на целата година беше прехранбената компонента, како и растот на цените на енергенсите и зголемувањето на домашните регулирани цени. Од аспект на динамиката, во првата половина на годината беше забележано забрзување на растот на домашната инфлација. Во овој период, протестите во Северна Африка и Блискиот Исток, како и природните катастрофи (коишто ги намалија приносите на пченка и пченица) имаа нагорни притисоци на светските цени на нафтата и храната“, пишува во Извештајот.
КОЛКУ БИЛ ЛЕБОТ, ЗЕЈТИНОТ И ШЕЌЕРОТ?
Според публикацијата на Државниот завод за статистика „Макстат избор“, маслото за јадење во 2011 година чинело 83,6 денари, а сега е најчесто нешто околу 100 денари за еден литар. Но пред 5 години, маслото за јадење било значително поевтино и се купувало по 65 денари за еден литар, и таква цена всушност помалку или повеќе се држеше и наредните година, а во 2019 година, пред пандемијата, според Државниот завод за статистика, цента била и пониска и изнесувала 59 денари.
Во 2011 година особено била висока цената на шеќерот и изнесувала 55,8 денари, додека во 2016 година, шеќерот може да се купи за 38 денари – слично како и сега.
Пченичниот леб, како најосновен производ, статистичарите евидентирале дека во 2011 година чинел 53,3 денари за еден килограм, а во 2016 – 48,1денар. Колкава просечна цена ќе пресмета Државниот завод за статистика за 2021 година, допрва ќе видиме, но можеме слободно да кажеме дека сега еден килограм леб е околу 70 денари.
Движење на цените низ три основни прехранбени производи
Производ | 2011 година | 2016 година | 2021 година |
---|---|---|---|
Масло за јадење (литар) | 84 ден | 65 ден | 100 ден |
Леб (килограм) | 53 ден | 48 ден | 70 ден |
Шеќер (килограм) | 56 ден | 38 ден. | 38 ден |
КОЛКУ ЧИНЕЛЕ ГОРИВАТА?
Според објавените цени на Регулаторната комисија за енергетика, пред 10 години, односно во ноември, бензинот БС 95 чинел 76 денари за литар, а сега е 77 денари; бензинот БС 98 тогаш чинел 77,5 денари, а сега е 79, додека дизелот имал цена од 68,5 денари, а сега е поевтин и е 60 денари за еден литар. Пред 5 години, односно во 2016 година, горивата биле значително поевтини и во однос на сега, но и во однос на пред 10 години. Тие, во ноември 2016 ги имале следниве цени: бензинот БС 95 се продавал за 63 денари за литар. БС 98 за 65 денари, а дизелот чинел 50 денари.
Движењето на цените на бензините и на дизелот надолу, па нагоре
Гориво | Ноември 2011 | Ноември 2016 | Ноември 2021 |
---|---|---|---|
Бензин БС 95 | 76 ден | 63 ден | 76,6 ден |
Бензин БС 98 | 77,5 ден | 65 ден | 78,5 ден |
Еуродизел | 68,5 ден | 50 ден | 67,5 ден |
КОЛКАВА ЦЕНА ЗА СТРУЈАТА ПЛАЌАЛЕ ДОМАЌИНСТВАТА?
Во однос на енергенсите, ѕирнавме и во податоците за струја. Е тука веќе има видлива разлика. Пред 10 години домаќинствата со еднотарифни броила плаќале по 3,77 денари за еден киловат- час електрилна енергија ( со вклучена ангажирана моќност од 33,33 проценти, што тогаш беше издвоен додаток , надвор од цената). Во 2016-та цената за еднотарифните броила била 4,46 денари за еден киловат-час, а сега е 5,36 денари за еден киловат-час. За двотарифните броила пак, ниската тарифа пред 10 години била 2,34 денари, а пред 5 изнесувала 2,78 денари, сега е 3,36 денари. Во однос на високата тарифа цените се движеле вака: во 2011 година – 4,71 денари, во 2016 година- 5,56 денари и сега 6,69 денари. Но, мора да се земе предвид дека за разлика од порано, годинава, со растот на цената на електричната енергија за 12,36 проценти, се намали и данокот на додадена вредност за струјата од 18 на 5 проценти.
Раст на цената на електричната енергија со вклучено ДДВ
(денари за киловат-час)
Тарифа | 2011 година | 2016 година | 2021 година |
---|---|---|---|
Еднотарифно броило | 4,45 ден | 5,26 ден | 5,63 ден |
Ниска тарифа | 2,76 ден | 3,28 ден | 3,53 ден |
Висока тарифа | 5,56 ден | 6,56 ден | 7,02 ден |
КАКВИ БИЛЕ ПРОСЕЧНИТЕ ПЛАТИ?
Но, за да биде реална анализата на цените мора да се земат предвид и просечните плати и колку од основните производи сме можеле да купиме со една просечна плата. За годинава, последна објавена просечна-нето плата е за август и таа изнесувала 28.642 денари. Пред 10 години пак, сме имале просечна нет-плата од 20.834 денари, а пред 5 години таа била 22.380 денари.
Платата претворена во леб, зејтин, шеќер, бензин и струја
Производ | 2011 година | 2016 година | 2021 година |
---|---|---|---|
Леб | 393 килограми | 466 килограми | 409 килограми |
Зејтин | 248 литри | 344 литри | 286 литри |
Шеќер | 372 килограми | 589 килограми | 754 килограми |
Бензин (БС 98) | 268,8 литри | 344,3 литри | 364,8 литри |
Струја (еднотарифно броило) | 4.681 киловат-часа | 4.254 киловат-часа | 5.087 коловат-часа |
Редакција Пари