ПОВЕЌЕ

    АМЕРИКАНСКАТА УЛОГА ВО ВЕНЕЦУЕЛА може да трае со години, вели Трамп

    Време зa читање: 4 минути

    Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека вмешаноста на Соединетите Американски Држави во Венецуела би можела да трае со години, нагласувајќи дека „само времето ќе покаже“ колку долго неговата администрација ќе ја надгледува управата со јужноамериканската земја по апсењето на венецуелскиот лидер Николас Мадуро од страна на американските сили во саботата.

    Во интервју за „Њујорк тајмс“, Трамп не прецизираше дали и кога ќе се одржат избори во Венецуела, ниту пак понуди јасен временски рок за замена на привремената влада, која моментално ја предводи Делси Родригез, политичарка блиска до режимот на Мадуро. Тој не одговори ниту на прашањата зошто токму неа ја признал како привремен лидер на земјата.

    Белата куќа претходно соопшти дека САД ќе ја контролираат продажбата на венецуелската нафта на „неодредено време“, а американскиот министер за енергетика Крис Рајт изјави дека таа контрола е неопходна за Вашингтон да задржи политичко влијание врз привремената власт во Каракас. Трамп потврди дека неговата администрација има намера да „зема нафта“ од Венецуела, која располага со најголеми докажани резерви на нафта во светот, но призна дека ќе биде потребно време за повторно заживување на речиси распаднатата нафтена индустрија во земјата.

    Производството на нафта во Венецуела драстично опадна во изминатата деценија поради лошо управување, корупција и долгогодишни американски санкции. Сепак, Трамп изрази увереност дека земјата може да се „обнови на многу профитабилен начин“, додавајќи дека приходите од нафтата ќе ги намалат глобалните цени, а истовремено ќе донесат финансиски средства што, како што рече, на Венецуела ѝ се очајно потребни.

    Американскиот претседател истакна дека државниот секретар Марко Рубио е во „постојана комуникација“ со Родригез и дека таа, според него, „обезбедува сè што САД сметаат дека е потребно“. Тој претходно тврдеше и дека привремената влада се согласила приходите од продажбата на нафтата да ги користи исклучиво за купување американски производи.

    Во меѓувреме, лидерката на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо изјави дека соборувањето на Мадуро означува почеток на „неповратен процес“ што ќе ја одведе земјата кон слобода. Во интервју за опозицискиот портал „Ла Патиља“, таа оцени дека сегашната привремена власт е „истиот режим, само со друго име“, и изрази надеж дека транзицискиот период ќе биде краток и брз.

    Мачадо инсистира дека поранешниот дипломат Едмундо Гонзалез е легитимно избраниот претседател на Венецуела и побара неговиот мандат да се почитува. Таа нагласи дека првиот чекор мора да биде ослободување на повеќе од 800 политички затвореници кои, според организациите за човекови права, се наоѓаат во озлогласени затвори низ земјата. Сличен апел упати и американската републиканска пратеничка Марија Елвира Салазар, која побара нивно итно ослободување.

    Иако дел од венецуелските аналитичари очекуваа брзо враќање на опозициските лидери во земјата по падот на Мадуро, Трамп се покажа резервиран кон Мачадо, оценувајќи дека таа нема доволно „почит и поддршка“ за да ја води државата. „Мислам дека би било многу тешко за неа да биде лидер“, изјави тој.

    Во САД, потезите на администрацијата на Трамп веќе предизвикаа отпор во Конгресот. Американскиот Сенат во четврток изгласа резолуција со која се обидува да ги ограничи идните воени дејствија во Венецуела, што претставува прв ваков чекор за време на вториот мандат на Трамп. Иако гласањето има претежно симболична тежина и може да биде блокирано во Претставничкиот дом или со претседателско вето, тоа ја отвора дебатата за улогата и границите на американската воена моќ во регионот.

    Во меѓувреме, Трамп најави средба со претставници на три од најголемите американски нафтени компании, на која, според Белата куќа, ќе се разговара за конкретните чекори за економско и енергетско ангажирање на САД во Венецуела.

    (Фото: Unsplash)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично