Кандидатот за градоначалник на Скопје од партијата Левица, Амар Мециновиќ, вели дека неговата главна цел е да го направи главниот град функционален систем кој ќе им служи на граѓаните, а не на политичките партии. „Скопје е во ужасна состојба, а институциите не работат за луѓето туку за партиските интереси“, вели Мециновиќ, во интервјуто дадено за рацин.мк, додавајќи дека градската администрација мора да се врати на транспарентност и отчетност.
Мециновиќ најави проекти за обновување на јавните претпријатија и рационализација на нивната работа. Како клучен проект ја најави изградбата на фотоволтаична централа од 10 мегавати, која би го снабдувала ЈП „Водовод и канализација“ и би покривала над 60% од трошоците за електрична енергија. „Парите можат да се обезбедат преку европски фондови и подобра наплата на услугите“, истакна тој.
Јавните простори да бидат во функција на граѓаните, а не на комерцијалните интереси. Универзалната сала и Луна паркот ги гледа како јавни, а не приватни проекти. „Сакам град кој им припаѓа на граѓаните, не на партиите. Скопје заслужува да стане функционален град кој инспирира“, завршува Мециновиќ.