ПОВЕЌЕ

    АЛЕКСАНДАР СТАНКОВ ВО NEW BIZ: RelaxifyApp – од Балканот до Ирска – старт-ап кој го менува пристапот кон менталното здравје

    Време зa читање: 6 минути

    Потребата за апликација со која што се менаџира менталното здравје, Александар Станков ја согледал кога доживеал паничен напад во метро во Германија. Заедно со своите двајца ко-основачи ја направиле RelaxifyApp. Во оваа епизода на New Biz Podcast тој ја раскажува приказната како од Балканот се освојува Ирска. Има многу интересна приказна, особено во аспектот на тоа каде се раѓаат идеите. Обично велат дека идеите се раѓаат „под туш“, но неговата се родила во метро и тоа во не баш пријатни околности.

    Пред сето ова, кој бил Александар? Кое било неговото професионално патување и како стигнал да создаде старт-ап. Започнал од Македонија, завршил на ФИНКИ, а потоа работел во неколку ИТ – компании.
    „За мастер имав прилика да одам во Норвешка, ми беше огромно искуство и многу поразличен свет од македонскиот. Покрај тоа што е студено преку зима, преку лето е супер бидејќи има долги ноќи што траат до еден, до два после полноќ и навистина не се чувствува никаков замор. Може буквално човек да работи и по 12-15 часа. Таму работев во ИТ – фирма, стекнав искуство и ми беше одлични,“ раскажува Александар.

    По враќањето во Македонија повторно работел тука, а во тој период повлекол инвестиција од Норвешка и оформил македонски тим кој работел за норвешки клиенти.
    „Баш беше тој период каде што се бараа инвестиции и беше добра прилика за мене,“ додава тој. Подоцна добил можност да замине во Германија, каде што се приклучил на старт-ап со само 15-тина вработени, но компанијата брзо пораснала на 200 луѓе на повеќе локации низ земјата.
    „Како растеше старт-апот, растеше и мојата позиција. Бев одговорен за ИТ делот, развивавме различни продукти и на тој начин ја добив идејата за старт-апи. Си помислив – зошто и јас да не го направам истото?“

    Со еден познаник од Македонија започнал старт-ап за пратки и така полека влегол во светот на старт-апите и инвеститорите.
    „Морам да кажам дека претходно бев можеби финансиски неписмен. ИТ писмен, ама финансиски неписмен. Полека-полека почнав да учам, за жал образовниот систем не нѐ научи за финансиска писменост и како функционираат парите. Но, патиштата со партнерот ни се раздвоија, што за мене тоа беше тежок период, бидејќи паралелно работев во Германија и пробував да оформам старт-ап, и после некое време ми се појавија панични напади.“, раскажува Станков.

    Тие панични напади биле причината за непријатната епизода во метрото, која подоцна ќе ја инспирира идејата за RelaxifyApp.
    „Паничниот напад ми се случи во метро, одеднаш, од темниот тунел почувствував притискање во градите, мислев дека умирам. Едвај чекав да дојде следната станица за да излезам надвор и да земам воздух. Мислев дека го губам воздухот и дека немам сила,“ се присетува Александар. По низа лекарски испитувања дијагнозата била панични напади.

    Токму тогаш работел со колега од Бугарија, Јоан, кој денес е негов партнер во RelaxifyApp.
    „Му кажав за мојот проблем и дека барам решенија. Најдов некои апликации, ама повеќето беа за медитација. Јас не сум човек што може да седи мирно и само да слуша нешто, а истовремено и колегата најде дека 53% од луѓето не знаат баш да медитираат. Па, тие апликации не можеа многу да помогнат. И прво јас гледав за себе некако да си помогнам барав кој е другиот начин. Психологија е едниот начин, медитација вториот, меѓутоа не беа опција за мене и двете во тој момент. Видов дека постојат игри и вежби кои што можат да го подобрат менталното здравје. Имав среќа да се запознаам со Томе, третиот ко-сопственик на RelaxifyApp. Тој ми даде некои вежби што ги правев дома и видов дека имам подобрување во моето ментално здравје и расположение. Реков – зошто сето ова да не го направиме дигитално и да помогнеме на повеќе луѓе низ светот? Не сум јас единствениот што се соочува со сето ова.“, објаснува Станков.

    Партнерите направиле маркет-истражување и откриле дека постои огромна побарувачка за такво решение. „Пред короната секој осми човек имал ментални проблеми, после короната – секој петти. Тоа е официјална статистика, а неофицијално можеби бројката е и поголема,“ нагласува тој.

    Со идејата и со тимот на место, следеле логистички и финансиски предизвици. „Не е само – имам идеја. Треба да се развие бизнис модел, да се направи истражување, да се стигне до MVP,“ објаснува Александар. За нив тој процес бил полесен благодарение на ИТ предзнаењето и искуството со психологија. Еден од ко-сопствениците ги подготвувал вежбите и така брзо го извадиле MVP-то. „Да извадиш производ на пазар е релативно едноставно, ама за тој производ да дознае пазарот, тоа е веќе друга приказна,“ вели тој.

    На почетокот се финансирале сами. „МВП-то го извадивме, ја извадивме првата верзија, Android верзија, ја ставивме на маркет. Но, производот од тогаш до денес е 100% различен,“ објаснува тој. Фидбек собирале на повеќе нивоа. „Прво гледавме како пријателите ја користат апликацијата – дали ќе се изгубат и дали ќе сфатат што се случува. Потоа активиравме мини кампања на Балканот и користевме многу добри алатки каде што се снимаше целата сесија – колку време ја користат, колку кликови има. Јас сакам да носам одлуки врз база на дата, а за тоа треба повеќе корисници.“

    Сепак, на Балканот се соочиле со друг предизвик. „Приметивме дека овде психологијата е уште табу тема. И ако веќе инсталираат, бизнис моделот е со претплата, никој не сака да плати после одреден период. Користат две недели и на третата кога треба да се плаќа – се губи корисникот,“ објаснува Александар.

    Истражувањето покажало дека поголема потреба има во Англија, Ирска и Америка. „Моравме да одбереме еден пазар затоа што имавме ограничени ресурси. Одбравме Ирска, пошто е релативно мал пазар. Интересното беше дека тие што имаат ментални проблеми чекаа и по осум недели за психотерапија. И ова беше супер решение за нив,“ вели тој.

    Резултатите не изостаналe. „Почнаа многу корисници да ја инсталираат и да плаќаат. Тоа ни помогна да собереме сабскрипции, да заработуваме, да анализираме и на крај да стигнеме до инвеститор. Реално веќе имавме нешто со кое можевме да се пофалиме – дека имаме продукт што се користи,“ заклучува Александар.

    Целата епизода и слични на оваа се достапни на  New Biz Podcast

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично