Врз кои основи се креираат проекциите за 2026 година во банкарскиот сектор? Пари ги праша банките – какви очекувања имаат за Новата година. На што можат да се надеваат граѓаните и компаниите, ќе има ли промени и какви новини се предвидени да се реализираат, кои се најголемите ризици и колку се подготвни да ги апсорбираат.
Александар Џорџевиќ – член на Управен одбор на Шпаркасе Банка:
Дигиталната трансформација станува основното поле на натпреварување меѓу банките, но и клучен критериум според кој клиентите ја оценуваат релевантноста, едноставноста и квалитетот на банкарската понуда. Сосема е сигурно дека 2026 година ќе донесе уште поинтензивна конкуренција меѓу банките, особено во областа на дигиталните услуги, пакет-понудите и персонализираните производи. Но, значајно е дали тие производи и услуги се навистина едноставни, стабилни и корисни за клиентите. Искуството покажува дека „да се биде прв“ не значи секогаш и „да се биде подобар“, особено ако зад брзината не стои квалитетно корисничко искуство.

Нашиот пристап е јасен: секој нов дигитален производ или услуга што ја воведуваме мора да им донесе на клиентите подобро корисничко искуство, поголема едноставност и поголема достапност на услугите. Затоа дигиталните процеси секогаш ги дефинираме „front to end”, ставајќи го клиентот и неговото искуство во самиот центар на дизајнот и имплементацијата. Истовремено, важно е да се согледа колку пазарот е подготвен за промените што ги носи дигитализацијата. Јасно е дека развојот на нови производи мора да оди паралелно со едукацијата на вработените, за тие да ги разберат дигиталните процеси и да станат нивни најдобри амбасадори, а паралелно континуирано треба да се работи на едукација на клиентите, за новите дигитални услуги да се прифаќаат и користат побрзо и полесно.
Важно е, исто така, да се нагласи дека дигитализацијата е исклучително сложен процес кој бара значајни инвестиции. Нашата банка во последните две години инвестираше 8,5 милиони евра во дигиталната трансформација, а планираме во наредните години да вложиме уште дополнителни 13 милиони евра. Дигитализацијата не е трошок сама по себе, туку долгорочна инвестиција во задоволство и лојалност на клиентите.
Долгорочно, сите банки ќе нудат исти или многу слични дигитални производи. Токму затоа во Шпаркасе Банка сметаме дека нашата клучна конкурентска предност ќе биде во начинот на кој ги советуваме и поддржуваме клиентите. Посебен акцент ставаме и на развој на дигитално сервисирање, со цел клиентите што поголем број свои потреби, не само производи, да можат да ги решат директно преку мобилната апликација. Eден од нашите основни принципи останува „mobile first, human powered banking“, каде технологијата ги поедноставува процесите, но луѓето прават вистинска разлика.
Од наша перспектива, ризиците за банкарскиот сектор во 2026 година во областа на дигиталниот развој произлегуваат од повеќе паралелни процеси: брзо растечките сајбер-ризици, сѐ поголемата зависност од сложена ИТ инфраструктура, како и очекувањата на клиентите кои често растат побрзо од реалните можности на пазарот.
Со ширењето на дигиталните канали и услуги, сајбер-безбедноста останува еден од клучните предизвици. Нападите стануваат сѐ пософистицирани, а од банките се очекува не само усогласеност со регулативата, туку и проактивен пристап за заштита на податоците и одржување на довербата на клиентите. Нашиот клучен принцип во ова поле е „Security by design“. Во Штаермеркише Шпаркасе групацијата користиме знаење, искуство и групациски алатки, што многу ни помага да го одржиме високо нивото на сајбер-безбедност. Паралелно со тоа, стабилноста и отпорноста на ИТ инфраструктурата стануваат критични фактори, бидејќи секој прекин во работењето на системите директно влијае на корисничкото искуство.
Во однос на нашата подготвеност, фокусирани сме на превенција и долгорочна одржливост. Континуирано инвестираме во зајакнување на сајбер-безбедноста, стабилизацијата на ИТ системите и унапредување на управувањето со ризиците. Посебен акцент ставаме и на едукација на вработените и изградба на интерни капацитети, бидејќи дигиталната трансформација не е само технолошки, туку и човечки процес.
Сведоци сме дека ризиците не можат целосно да се елиминираат, но со нив може ефикасно да се управува. Нашата цел континуирано останува да ги следиме ризиците внимателно, да ги препознаваме навреме и да делуваме превентивно, преку силни контроли, стабилни системи и одговорно управување, за да обезбедиме долгорочна сигурност, доверливост и доверба кај нашите клиенти.
Гледајќи кон 2026 година, и покрај глобалните неизвесности, нашите очекувања за македонската економија се оптимистички, но внимателно умерени. Иако глобалните трендови укажуваат на побавно темпо на економски раст, сметаме дека нашата држава има значителен потенцијал за унапредување преку поефикасно користење на европските фондови, зголемување на продуктивноста и забрзување на дигитализацијата на јавните услуги.
Очекувам постепено смирување на инфлационите притисоци, што ќе отвори простор за поконкурентни каматни стапки и ќе постави темел за еден нов, динамичен инвестициски циклус. Секако, постојат ризици кои можат да влијаат на овој процес, но има основа за оптимизам, особено ако се земе предвид дека некои земји од Западен Балкан веќе покажуваат дека можат успешно да се прилагодат и да управуваат со сличната динамика на економската средина.
Банките и во наредниот период ќе останат клучни партнери на компаниите и на приватниот сектор. Тоа значи дека клучниот фокус останува на инвестициски проекти кои не само што носат економски придобивки, туку и создаваат долгорочна стабилност и придонесуваат за раст на целата економија.
Подготви: Маја Анастасова
Аналитика








