Не постои работна позиција за која не може да се најде соодветен кандидат, е искуството на Љубинка Такашманов, извршна директорка на ITtude. Фирмата регрутира ИТ кадри за потребите на компаниите низ светот. Доволни се 48 часа за да го детектираат најдоброто решение. Без оглед дали се работи за потреба да се заснова редовен работен иднос или за лизинг на вработени. Модел, кој има сѐ повеќе приврзаници во деловниот свет, особено кога станува збор за временски ограничени проекти. За ова, како и за промените што вештачката интелигенција ќе ги предизвика во областа на регрутирањето, Такашманов говори во поткастот New Biz.
Но, и за предностите да се има сопствена фирма, која овозможува да се биде „сам свој газда“.
Откако ја основала Ittude, се уверила дека најголемата позитивна работа е да работиш за себе. Вели, тоа никогаш не би го променила, затоа што најголемата придобивка е – слободата.
„Ниедни пари во светот сега не би ме вратиле да работам за некој друг. Тоа што го добиваш кога работиш за себе е нешто што не може со ниедни пари да се плати. Тоа е слободата, времето и начинот на размислување. Кога си слободен, кога сакаш и знаеш да ги правиш работите по твое и гледаш дека успеваат – нема ништо на светот што може да ти даде повеќе од тоа“, тврди Такашманов.
Сепак, додава, независноста носи и големи предизвици. Таа признава дека морала да научи сè – од сметководство и финансии, до маркетинг, продажба и бизнис развој. „На почетокот, сите тие задачи што вообичаено ги покрива цел тим, морав сама да ги совладувам. Беше напорно и сè уште е. Меѓутоа сите тие ‘тешки’ работи не ја балансираат слободата што ја имам“.
Љубинка Такашманов во NEW BIZ: За секоја работна позиција има перфектен кандидат
Нејзината компанија, покрај класичниот директен пласман на кадар, нуди и услуга на staff leasing. Модел кој, според Такашманов, особено го бараат странските клиенти. Овој систем им овозможува на компаниите да ангажираат луѓе на краткорочни проекти, без да мораат да се занимаваат со процедурите од типот договори, вработување, опрема…
„Дури и да е за проект од два месеци, ние ќе го најдеме перфектниот кандидат, кој ќе ја заврши работата. За компанијата нема вработување, отпуштање, договори, бенефити, одмори, бонуси, опрема… ништо од тоа. Сето тоа ние го покриваме. Го наоѓаме кандидатот, го менаџираме целиот процес и на клиентот му останува само завршената работа. Тоа е огромна предност за стартапи и за компании кои немаат ресурси за HR и финансии“, посочува Такашманов и нагласува – „Кога ќе заврши проектот, со тие луѓе немаат ништо, никаква обврска“.
Голем дел од вниманието Такашманов го насочува и кон иднината на регрутингот во услови на забрзан развој на вештачката интелигенција. „АИ е реалност. Дали сме спремни да ја прифатиме, зависи од нас. Иднината на регрутингот е брзина, интелигенција, прецизност и пред сè, човечност“.
Смета дека вештачката интелигенција не е нешто толку страшно како што многумина ја опишуваат, „иако мислам дека многу компании го искористија тој момент за да направат промена во стрктурата, да отпуштат дел од луѓето, да внесат свежа крв во компаниите“. Во тој контекст тврди – „Ако ние не дозволиме, нема ни да биде на тоа ниво за да заменува работни места“. Но, и акцентира – таа алатка секој треба да почне да ја користи, ако не сака да биде изоставен.
Такашманов првпат јавно открива – нејзината компанија почнува со развој на нова платформа – Cohesix, базирана на вештачка интелигенција. „Целта е процесите кои денес ги правиме за 48 часа, утре да се завршуваат за неколку минути. Не зборувам за алатка што само ќе го олесни регрутингот, туку за алатка што буквално ќе го редефинира“.
Идејата беше тука, вели таа, меѓутоа се активирала сега со помош на млади луѓе кои успеале и успеваат безусловно да помогнат со совети, со финансии… Во таа насока упатува јавен повик до сите кои сакаат да бидат дел од оваа промена, од оваа револуција:
„Сега е моментот да се создаде нешто што може да ја смени индустријата од корен. Сакам да им се заблагодарам на сите што веќе помогнаа, но и да поканам нови поддржувачи – било да се бизнис-ориентирани или ангел-инвеститори“.
Целата епизода и слични на оваа се достапни на New Biz Podcast