Граѓаните сѐ повеќе ги осознаваат можностите што произлегуваат од инвестирањето во акции и во берзанското тргување. Резултатите од Инвеститорскиот ден ги надминаа претходните пет по бројот на склучените – 396 трансакции. Таа бројка, засега, е и најголема во годинешните дневни статистики, исто како и внесените 547 налози за тргување во БЕСТ системот. Прометот со акции изнесувал околу 56 милиони денари или над 917 илјади евра. Можноста за бесплатно, односно за купопродажба на акции без да се платат провизиите што вообичаено се пресметуваат од институциите и од овластените пазарни учесници, е искористена.
ГРАЃАНИТЕ ВО 2024 ГОДИНА ВЛОЖУВАЛЕ МНОГУ ПАРИ, но каде ‒ во среќата или во иднината?
Од организациски аспект, Инвеститорскиот ден ја покажува посветеноста на Македонска берза да ја приближи инвестициската култура до граѓаните и да ги мотивира да се запознаат со можностите на пазарот на акции. Активното учество на физичките лица, пак, бројноста на трансакции и налозите, како и високиот вкупен промет, се своевиден патоказ за заинтересираноста на граѓаните да научат како функционира вложувањето и како можат да ги користат акциите за долгогодишно градење финансиска сигурност. Притоа, пресметувајќи го и потенцијалниот ризик.
Според постигнувањата забележани на Инвеститорскиот ден од претходните години, интересот за овој настан постојано расте. На пример, лани биле склучени 333 трансакции со вкупен промет од над 912 илјади евра.
Сепак, кога се зборува за прометот, рекордот и натаму останува во 2020 година. Во рамките на првоорганизираниот настан од овој вид. Тогаш бил надминат прагот од еден милион евра, до кој било дојдено преку 339 трансакции.
Веќе во наредната 2021 година, на денот одвоен за граѓаните-инвеститори се склучиле 262 трансакции. Прометот кој надминал 640 илјади евра, тогаш бил за повеќе од 45 насто поголем од просечниот дневен промет.
Успешен бил и третиот Инвеститорски ден (2022), кога се тргувало со 22 различни акции. Притоа, регистрирани биле 242 трансакции со вкупен промет од над 516 илјади евра. Кој бил за 49 насто повисок во споредба со просечниот дневен промет. Овој износ е најнизок од сите други забележани на овој ден.
Најмалку трансакции, пак, 207 на број, биле реализирани во 2023 година. Тогашниот настан бил заокружен со повеќе од 595 илјади евра вложени во акции од страна на физички лица.
ИНТЕРВЈУ I АНЕТА КОРОБКИНА: Успехот не е спринт, туку маратон
Тргувањето без провизии не е единствената корист за граѓаните. Инвеститорскиот ден претставува платформа за подигање на свеста за важноста на инвестирањето и за вклучување што поширок круг луѓе во активното следење на берзанските случувања.
M.A.