ПОВЕЌЕ

    АХВ ЗА ПИЈАЛОКОТ ЗАБРАНЕТ ВО СЛОВЕНИЈА: Во Македонија се продава само бескофеинската верзија на PRIME

    Време зa читање: 3 минути

    Државната Агенцијата за храна и ветеринарство  објави на својата веб-страница дека нема добиено нотификација преку Европскиот систем за известување за небезбедна храна и храна за животни (RASSF) дека на македонскиот пазар е пласиран небезбеден безалкохолен пијалак.

    „Во регистарот за збогатена храна на Агенцијата за храна и ветеринарство регистриран е безалкохолен пијалак PRIME HYDRATION DRINK за кое АХВ има издадено одобрение за ставање во промет. Кај нас е одобрена верзијата без кофеин т.е. производи декларирани како пијалаци за хидратација (PRIME HYDRATION DRINK) кои се збогатени со витамини и амино киселини, со различни вкусови“, се вели во соопштението на АХВ.

    Оттаму нагласуваат дека за овие производи постои Мислење од Фармацевтски факултет дека истите можат да се употребуваат како збогатена храна, почитувајќи ги препораките за консумација и предупредувањата наведени на означувањето на овие производи.

    „Апелираме до потрошувачите доколку на пазарот најдат производ од овој бренд кој не е регистриран /одобрен од Агенцијата, тоа да го пријават во АХВ, лично, на бесплатната линија за потрошувачи 0800 3 22 22 или електронски на [email protected], се заклучува во соопштението на АХВ.

    Денес медиумите во регионот објавија дека Словенија го забранила енергетскиот пијалок под името Прајм, откако тамошната инспекција извршила контроли на пијалокот Прајм и открила дека во оптек има две верзии, со и без кофеин во својот состав. Подоцнежната проверка на состојките покажа дека енергетскиот пијалок Prime ја содржи состојката Л-теанин, која не е дозволена во безалкохолните пијалоци во ЕУ, но е дозволена во друга храна. Тоа значи дека оваа верзија е забранета за оптек, пренесува slovenski24ur.

    Кофеинскиот енергетски пијалок на овој бренд содржи дури 200 mg кофеин по конзерва. За споредба, најпознатиот енергетски пијалок на пазарот содржи 80 мг кофеин по конзерва.

    Воедно, Управата и Дирекцијата за јавно здравје на Министерството за здравство на Република Хрватска побарале проценка на ризик од Националниот институт за јавно здравје. Како што појаснуваат, од доставената документација јасно се гледа дека проценетата изложеност на кофеин преку конзумирање на енергетските пијалоци Прајм упатува на постоење на веројатност за штетно влијание врз здравјето на соодветните групи на население, па затоа енергетските пијалоци Prime претставуваат ризик за здравјето на децата и адолесцентите во однос на содржината на кофеин.

    Откако Словенија ја забрани кофеинската верзија на енергетскиот пијалок Prime, чекори во истата насока најави и соседна Хрватска. „Денеска ХЗЈЗ ќе издаде предупредување за штетноста на енергетските пијалоци, а во 18 часот имам состанок со Државниот инспекторат за изнаоѓање законско решение за ограничување на потрошувачката на штетните енергетски пијалоци и никотинските кесички, кои во моментов се незаконски достапни на пазарот за деца“, објави министерот за здравство на Хрватска, Вили Берош, јави Јутарњи Лист.

    Американскиот безалкохолен енергетски пијалак Prime е исклучително популарен меѓу тинејџерите ширум светот, вклучително и во Хрватска. Го промовираат јутјуберите Логан Пол и КСИ, а иако пишува дека не е за помлади од 18 години, дизајнот и маркетингот се такви што ја таргетираат помладата популација.

    Американскиот енергетски пијалок кој во Америка чини 2,48 долари, а во Хрватска околу седум евра, станува се попопуларен меѓу студентите. Резултатите од последното истражување на HBSC покажуваат дека секое шесто 11-годишно дете пие енергетски пијалоци. Постарите луѓе ги консумираат уште почесто, а особено загрижува најновиот тренд на пиење верзија на енергетски пијалок кој содржи кофеин.

    Една доза од овој напиток содржи исто количество кофеин како две шолји кафе. Исто така, во Хрватска, учениците меѓусебе си го продаваат овој пијалок за 50 центи по голтка.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично